Поранешниот премиер, шеф на државата и претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, денес со отворено писмо до јавноста му даде отворена поддршка на неговиот наследник како лидер на најголемата опозициска партија, Зоран Заев, за објавувањето на „бомбите“ и вели дека „оваа власт не се урива со опозиција, туку со народ“.

– На Зоран Заев му честитам на храброста и му ја давам целосната моја поддршка за тоа што преку ‘Вистината за Македонија’ на најдиректен начин ги соочи сите со катастрофалната реалност во која живееме. Сега барем нема место за нечии изговори и оправдувања дека не знаел што се случува“, пишува Црвенковски.
 
Според него, осознавањето на вистината „за карактерот на овој режим не е доволно тој режим“ да падне, „ваков бескрупулозен режим не се руши само со прес -конфренции и лајкови на фејсбук“, туку “ваква тоталитарна власт која ги контролира сите институции може да биде поразена само од народ и со народ“.
 
За тоа да се случи, Црвенковски вели, треба да се направат неколку неопходни чекори.  „Да се ослободиме од илузијата дека по обелоденување на „бомбите“ Груевски и камарилата самите ќе си поднесат оставки и со наведнати глави ќе си заминат. Детски наивно е да се очекува од вакви луѓе после се што направија да покажат било какво чувство на одговорност“, пишува Црвенковски во писмото.
 
Според него, погрешно е и за крајната цел апсолутно штетно да се подгреваат лажни надежи дека меѓународната заедница со некакво „робусно“ присуство ќе изврши силен притисок на Груевски сам да се повлече и да овозможи формирање на преодна влада.  „Тоа едноставно нема да се случи. Ниту Брисел и Вашингтон се подготвени на тој начин да настапат, а ниту на Груевски  му е битно каков е нивниот став. Тој во себе одамна има расчистено со евро-атлантската иднина на Македонија“, пишува Црвенковски.
 
Поранешниот претседател на СДСМ смета дек приказните кои се шират во одредени опозициони кругови дека промената на власта само што не се случила па уште и се лицитира кој  на чело на кое министерство или институција ќе дојде се погубни.
 
„По расчистувањето со овие илузии и дилеми „отпорот“ или како ли веќе ќе се вика мора да се обнови и да се организираат масовни и континуирани протести. Тие протести треба да бидат мирни и ненасилни, но со својата масовност и упорност да го делегитимираат и натераат на отстапки режимот на Груевски. Оваа историска македонска драма ќе мора да заврши на избори, но во психолошки смисол победникот на тие избори треба да биде познат уште пред нивното распишување. И тоа никако не смее да биде Груевски“, стои меѓудругото во писмото на Цренковски.

Тој, на почетокот од писмото објаснува дека во периодот на молк не бил ниту болен, ниту бил изложен на сериозни уцени и закани, па дури и дека не му е повредена суетата,  а најмалку дека не му е грижа ниту за народот ниту за државата.

OhridNews

извор Макфакс