– Овие луѓе не можат сами да се справат со својата неволја. Потребна е координирана помош, пред се на државата заедно со локалната самоуправа, за да се види што треба веднаш да се стори за да се намали ризикот, од уште поголеми штети, како и од најголемата опасност односно ризикот од прелевање и мешање на водите и појава за зарази, рече Црвенковски.
Во разговорот со жителите на Пештани, на Црвенковски му било посочено дека е потребно итно поврзување на селото на Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро, како и решавање на прашањето со отпадните води. Лидерот на СДСМ смета државата треба да предвиди финансиски средства за помош на граѓаните, кои што по нормализирањето на временските прилики ќе треба да ги вратат своите живеалишта во нормална состојба.
– Луѓето кои живеат тука имаат реални проблеми Полните подруми, куќите полни со вода, потпорните ѕидови што се уриваат, тоа е реален, тежок живот со кој се соочуваат овие луѓе. Ако треба да има политика, тука треба да има единствена политика, и од страна на централната и од страна на локалната власт за да им се помогне на овие луѓе, рече Црвенковски, додавајќи дека во неговата посета на Пештани нема политика.
Црвенковски изрази загриженост дека ситуацијата дополнително може де се усложни поради неповолните временски прилики изнесувајќи мислење дека ваквата ситуација можела да се избегне доколку навремено било овозможено истекување на водата од езерото.
На посетата на Црвенковски на Пештани реагираа дел од жителите на селото кои сметаат дека таа е во функција на дневната политика. Тие изразија и негодување од неисполнетите ветувања на локалната самоуправа дека ќе го приклучи селото на колекторот, а му замерија и на градоначалникот Петрески, што во ситуација на криза отпатувал во Австралија.