Можно е на состанокот в четврток во Њујорк медијаторот Метју Нимиц на преговарачите да им презентира конкретен предлог за решавање на спорот со името, изјави денеска во Охрид претседателот Црвенковски.  „Во тој случај ние ќе имаме потреба од анализа на предлогот и усогласување на ставовите“, рече Црвенковски.

„За двојната формула не сме разговарале одамна и сметам дека нејзиното актуелизирање во една одмината фаза во која сега се наоѓаат грчко-македонските преговори за името не значи обид за поттикнување на преговорите, туку обид за опструирање или заобиколување на преговорите, што на Македонија сега најмалку и е потребно“ рече Црвенковски.


Одговарајќи на новинарско прашање, Црвенковски рече дека сега не очекува решавањето на спорот за името да биде пренесен во Обединетите нации.

„Прашањето за името во овој момент не очекувам да се пренесе во ОН, иако во перспектива тоа може да се случи, бидејќи процесот се води во согласност со резолуција на Советот за безбедност, кој може да донесе нова резолуција со која може да се прекинат или замрзнат преговорите, но за тоа сега не постои иницијатива ниту можност“, рече Црвенковски.

Осврнувајќи се на говорот на премиерот Груевски на одбележувањето на Денот на независноста, Црвенковски истакна дека нема ништо спорно во повикувањето на единство на нацијата, по прашања кои се од државен интерес, но според него, поддршката на мислењето на поединци не е искрено повикување на единство, туку обид да се наметне свој став како единствена вистина.

„Реториката на премиерот во голема мерка се совпаѓа со мислењето кое во последно време можевме да го чуеме од министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, со кои јавноста однапред се подготвува на неуспех оваа есен во пристапните преговори со Европската унија, при тоа наведувајќи го спорот за името со Грција како единствена причина за тоа“, додаде претседателот.

Претседателот Црвенковски присуствуваше денеска на отварањето на Светскиот Славистички Конгрес.

ohridnews
фото: Васко Бујароски