– Затворањето на границата со Косово за СДСМ отсекогаш било прашање од највисок приоритет и секогаш сме давале поддршка и сме ги охрабрувале сите напори што водат надминување на тој проблем. Она што за нас е спорно е како е тоа направено, затоа што потпишаната спогодба не е спогодба за техничко обележување на границата, туку е спогодба за размена на територии, рече Црвенковски.
Тој истакна дека отстапувањето на граничната линија на одредени места е преку 310 метри, додека вкупната територија која припаѓала на Република Македонија, а сега ќе припаѓа на Косово е преку 130 хектари. Во исто време приближно иста територија од Косово сега припаѓа на Македонија, значи не се работи за техничко обележување на граница, туку се работи за размена на територии и за менување на границата, додаде Црвенковски. Тој рече дека според Уставот одлука за менување на границата во парламентот се носи со двотретинско мнозинство и со референдум на кој се изјаснуваат граѓаните.
Лидерот на најголемата опозициска партија се осврна и на позитивниот извештај на Европската комисија која препорача отпочнување преговори за членство на Република Македонија во ЕУ, предупредувајќи дека работата не е завршена.
– Има предлог но нема датум, а одлуката за тоа ќе ја донесат членките на ЕУ во декември со консензус. Во истиот извештај се дава препорака за која што властите во Македонија овие денови не сакаат да кажат ниту еден збор, а тоа е спорот со Грција да се реши под итно, посочи Црвенковски.
Тоа значи, додаде Црвенковски, дека ако Македонија во декември сака да добие датум за преговори со ЕУ, ќе мора претходно да го реши спорот за името со Грција, ако тоа не биде направено датум нема да има и ќе ни се повтори Букурешт. Тој додаде дека СДСМ нема да ја отежнува работата на Валадата во решавањето на ова прашање и дека ќе се стави на располагање на актуелната власт ако тоа таа од неа го побара.
– Единствено што бараме од Груевски е по секоја цена да се обезбеди, е одбраната на нашиот идентитет, со други зборови низ овие преговори премиерот мора да се избори за јасна гаранција дека името на нашиот јазик е Македонски јазик, дека името на нашиот народ е Македонски народ, се друго во преговорите што е прифатливо за него ќе го прифатме и ние и тоа од напред и на невидено, рече Црвенковски пред охриѓани.