Со прикажување на долгометражниот филм „Живот во розово“ посветен на легендарната Едит Пјаф, вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ свечено ќе биде отворен Првиот фестивал на францускиот филм во Охрид. На фестивалот вкупно ќе бидат прикажани 11 играни и 4 кусометражни филмови.

Пред Центарот за култура поставен е црвен килим на кој ќе продефилираат бројни гости и познати личности од светот на кинематографијата.

Според, претседателот на советот на фестивалот, Макс Азуле, Охрид одговара за еден ваков настан. Преку него, ќе и се овозможи на публиката да се запознае со популарниот француски филм, ќе се отвори мини-пазар за филмот, но не од комерцијален карактер,а француските и македонските продуценти ќе имаат одлична можност да  остварат  копродукциски релации, вели Азуле. Потпретседателот на советот на фестивалот, Јордан Плевнеш изрази надеж дека фестивалот  ќе стане престижен и еднаков со Канскиот и другите реномирани фестивали во Европа.

Центарот за култура каде што ќе се прикажуваат франкофонските филмови веќе ги заврши подготовките и публиката ќе ја дочека во реновиран ентериер. Според најавите филмовите ќе се прикажуваат во современа техника, а случувањата во фоајето ќе можат да се следат на LCD монитори. Буџетот на фестивалот изнесува околу 40 илјади евра.


започнува Првиот филмски фестивал во Охрид

Ohridnews