Под мотото ВАШЕТО СРЦЕ ВО ВАШИ РАЦЕ, Црвениот крст од Охрид од 21 до 28 февруари ја одбележува Неделата на срцево-садови заболувања.
По тој повод, во текот на неделава во основните и средните училишта ќе бидат реализирани типизирани едукативни предавања.
Со цел промоција на физичката активност, во насока на намалување на ризиците од срцево-садови заболувања в сабота ќе се реализира пешачење до селото Велестово, каде што од страна на лекар-кардиолог ќе се одржи презентација за опасностите од срцево-садовите заболувања и начините како да се избегнат ризиците за болестите на срцето и крвните садови. Целата активност ќе биде проследена со промоција на здрав начин на исхрана, а според начинот на живеење, секој ќе може да ги одреди ризиците од појава на болестите на срцето и крвните садови.
Тргнувањето ќе биде во 10 часот пред спортската сала „Билјанини Извори” во Охрид.
Статистички податоци за Македонија покажуваат дека срцево-садовите заболувања се водечка причина за смрт и кај нас.
Здебеленост, неправилна исхрана, пушење и физичка неактивност се водечки причини за болестите на срцето и мозочните удари кои можат да се забележат и кај помладата популација. Таквите нездрави навики и животен стил се се почести меѓу децата и адолесцентите.
Ohridnews