Споменикот на основачот на меѓународниот Црвен Крст, Анри Динан, во сабота (12 мај) напладне ќе биде откриен во Охрид.

Споменикот на Динан е швајцарска донација и ќе биде поставен во дворот на општинската организација на Црвениот крст на улицата Димитар Влахов.


Сашо Точко и новиот секретар на Ц. крст Антонио Додевски

Иницијативата за подигнување на споменик на основачот на Црвениот крст ја покрена невладината организација “Анри Денан“ од Струга во соработка со истоимената невладина организација од Женева, Швајцарија. Идејата ја подржа и Советот на општина Охрид. Сето ова е како дел од активностите кои ги има Црвениот крст по повод неделата на Црвениот крст и полумесечина, од осми до 16-ти мај.

„Особено сме горди што споменикот на една таква важна личност како што е основачот на Црвен Крст, Анри Динан, ќе биде поставена токму во кругот на нашата општинска организација. Како што видовте основата е веќе поставена, се чека бистата од Швајцарија“ изјави раководителот на Црвен крст Охрид, Сашо Точко. „На свеченоста ќе присуствува и тричлена делегација од Швајцарија во која ќе биде и правнуката на Динан, Кристина Динан, потоа претставници од амбасадите на Швајцарија и Франција во Македонија, како и гости од Косово и Албанија од тамошните здруженија „Анри Динан“ додаде Точко.

Од останатите активности интересно ќе биде учеството на охридскиот Црвен крст во светската крводарителска акција за собирање најмногу единици крв за 24 часа, односно обидот да се собори гинисовиот рекорд од 2004. година поставен во Индија (18.000 единици крв за 24 часа). Во симултаната акција, која почнува утре (11. мај) ќе бидат вклучени 33 земји од Европа, а ќе биде под надзор на супервизори од Гинис. „Ги повикуваме сите хумани луѓе да се вклучат во оваа акција за собирање крв која ќе почне утре (петок) наутро на градскиот плоштад“ рече секретарот на Црвен крст Охрид, Антонио Додевски.

С. Костоски