Цртеж на 11- годишната Македонка Тамара Трајковски, со кој таа учествуваше на минатогодишниот натпревар “Децата цртаат поштенска марка” што се одржува по повод националниот празник на Австрија, е избран меѓу најдобрите 20 во конкуренција од 400 цртежи од целата земја.
Натпреварот го организраа Австриската државна печатница (ÖSD), Воената команда на град Виена и претседателката на aвстирското собрание Барбара Прамер, а наградените цртежи, меѓу кои е и тој на Тамара ќе бидат публикувани, односно отпечатени на поштенска марка.
По тој повод, вчера, во австрискиот парламент се одржа свеченост на која беа доделени наградите за најдобар цртеж на националниот натпревар. Признаијата во присуство на најблиските, преставници на австриската армија и други гости, ги врачи претседателката на Собранието Праммер, која приреди коктел во чест на наградените.
Пред 2 години на истиот натпревар беа наградени 2 цртежи на талентираната Тамара Трајковски, која на јавноста и е позната и по извонредните резултати во пливање што ги остварува со својот клуб „Austria“ од Виена.