Прекумерната употреба на пестициди, отпадните води, проблемите со колекторскиот систем, отпадоците од рудни материјали во места од албанската страна на крајбрежјето, години наназад ги загрозуваат природните ресурси на охридското сливно подрачје. Проблемите треба да се решат заедно и во соработка на засегнатите страни и од македонска и албанска страна, беше потенцирано на денешната завршна конференција „Сино и Зелено наспроти Црно и Сиво“, на која беа презентирани резултатите на проектот и заклучоците од анализата „Интегриран екосистемски пристап за сливот на Охридското Езеро како алатка за зачувување и заштита на природните ресурси“.
– Со проектот кој траеше година и половина беа опфатени ученици, вработени во институции, земјоделци, односно сите актери кои на терен се занимаваат со искористување на природните ресурси. Се одржаа обуки , студиски посети во Охрид со посета на институции од областа на шумите, управувањето со води и земјоделство, студиски патувања во Албанија и Македонија за посета на жешките еколошки точки и посета на научни институции кои се бават со решавање на проблемите. Изработена е студија за интегрирано управување со сливот на охридското езеро во која се сумираат сите препораки што да се направи за правилно искористување на ресурсите во сливот. Студијата ќе биде достапна и до надлежните и е во согласност со прописите на ЕУ, како и со прописите од албанската страна која управува со езерото како заеднички еко систем. Проблемите кои биле со години се само делумно решение и остануваат како главни еколошки црни точки за езерото, вели Ѓоко Зороски.
Неопходноста од заедничко решавање на проблемите ја потенцира и Ентела Пингули од организацијата Еуропартнерс Дивелопмент од Тирана која во соработка со Локалната агенција за развој од Струга ја организира конференцијата во рамки на проектот.
– Со проблемите не треба да се запознаат само засегнатите страни туку и целото општество. Организиравме специфични обуки за локалните претставници за нивно подобро запознавање со состојбата на водите, шумите ,која не е едноставна. Се формира и локална група на дејствување за подобро да се дојде до имплементација на проектот. Тука сме да соработуваме и заедно да ги решиме проблемите, рече Пингули.
Главната цел на проектот е да помогне во ефективна и одговорна употреба на природните ресурси во прекуграничното подрачје на Охридското Езеро, подобрувајќи го одржливиот развој на регионот.
Проектот е дел од ИПА прекугранична програма помеѓу Македонија и Албанија 2007-2013.
Т.К.