Црната кутија од рускиот патнички авиони кој се урна во саботата утрото со 224 патници и членови на екипажот на египетскиот Синајски полуостров, забележала пред самиот пад необични звуци во пилотската кабина, објави во вторникот руската агенција Интерфакс, додека извори од меѓународната комисија која декодира црната кутија изјавиле за порталот Al-Masri al-Youm дека причина за несреќата е неисправност во внатрешноста на авионот која се јавила непосредно пред падот.
„Пред исчезнувањето на авионот од екраните на радарите забележани се звуци, што не е вообичаено во текот на нормалните летови“, рекол за агенцијата неименуван извор близок на истрагата во Каиро. Пред тие звуци, додал соговорникот, се водела нормална конверзација меѓу пилотите и контролата на летањето и ништо не упатувало на отстапувања или неправилности во врска со текот на летот.
Безбедносниот коментатор на американската телевизиска мрежа CBS News претходно објави дека снимки на американски сателит покажале топлински блесок во истото време, што би можело да произлезе од експлозија на бомба или на моторот на воздухопловот, или експлозија на горивото во резервоарот.
Но засега нема докази дека авионот бил соборен со ракета, како што шпекулираа западни медиуми повикувајќи се на објава на интернет на Исламската држава, чии џихадисти дејствуваат против египетските безбедносни сили. Во понеделникот египетски извор од истрагата за агенцијата РИА изјави дека на остатоците од авионот кои досега се пронајдени не е откриено присуство на експлозивни супстанции.
Според изворите на арапскиот портал, пак, „причина за падот на авионот е дефект во внатрешноста на авионот кој се појавил пред неговото паѓање, што довело до негово налегнување на десната страна од кај опашот на авионот“. Со тоа, додал изворот, се отфрла можноста несреќата да е предизвикана од проектил или друго надворешно влијание. Сепак, тој не ја исклучува можноста дефектот да бил предизвикан од намерна постапка во авионот или бил предизвикан од технички причини.
Претходно истрагата објави дека првите податоци од анализата на записот на црната кутија на авионот „Airbus A321“ на руската воздухопловна компанија „Когалимавиа“ покажале дека екипажот не испратил сигнали за помош до ударот во земјата.
OhridNews
Извор:„Макфакс“