Снежното невреме што го зафати Балканот, предизвика сериозни проблеми. Како што пренесува „Макфакс“, во Црна Гора, каде што во јужните и централните делови врне леден дожд и снег, додека во северните делови не престануваат врнежите од снег, предизвикаа големи проблеми во снабдувањето со електрична енергија, а однесоа и еден човечки живот.

Од снежната блокада вчера успешно биле извлечени 11 патници, меѓу кои и деца, кои останале завеани речиси 24 часа. Во акцијата за спасување учествувале припадници на црногорската војска и полиција. Евакуирани биле и околу 60 ица, кои пред два дена беа заробени во тунелот кај хидроцентралата Пива. Откако спасувачите не можеле да стигнат до нив по копнен пат,  евакуацијата се вршела со чамци преку Пивското езеро.

На неколку патишта во северниот дел на Црна Гора, каде што висината на снегот надмина еден метар, заробени се повеќе возила. Полицијата соопшти дека од завеани возила на магистралниот пат Подгорица-Колашин евакуирала 120 лица, од кои 31 странец.

Заради студот и невремето пет луѓе умреле во Сараево, а во Мостар еден човек. Лавината што се активирала на патот Сараево-Трново, кај местото Крупац, затрупала едно моторно возило и еден автобус со дваесетина патници. Во босанскиот главен град  е прогласена вонредна состојба

Снегот и ветерот прават проблеми во цела Хрватска, а најтешко е и натаму во Далмација, каде што е прогласена вонредна состојба

Во Шибеник последните денови падна речиси 30 сантиметри снег, а уште повисока снежна покривка има во околината на градот. На Истра и целиот Јадран дува силен ветер, повремено со оркански налети.

Лоша е состојбата и во Србија, каде властите размислуваат да прогласат вонредна состојба. Повеќе рурални области се целосно отсечени заради големите снежни наноси, а снег има и на автопатиштата и магистралните сообраќајници.

Во источна и централна Европа од почетокот на студениот бран умреа над 250 луѓе.

OhridNews
извор: „Макфакс“