Црниот пантер кој пред две седмици бил виден во Североисточна Франција, сега бил забележан во Белгија. Полицајците вооружени со пушки за успивање се упатиле во областа каде што бил забележан пантерот, но не го пронашле. Повеќе луѓе потврдиле дека го забележале пантерот неколку километри подалеку од градот Леглиз.


Белгиските медиуми соопштиле дека властите планираат да ги затворат сите пристапни патишта кон шумата се додека животното не биде фатено. На помош е повикана и една фирма чија специјалност е ловење на егзотични животни. Бидејќи циркуските трупи и зоолошките градини не пријавиле исчезнување на животно, полицијата смета дека пантерот му побегнал на некој приватен сопственик. Стручњаците велат дека доколку пантерот е одгледан во заробеништво не е опасен за луѓето.