Дебарско – кичевската епархија почнала да ги возобновува конаците на манастирот Св. Богородица во месноста Заум на брегот на Охридското Езеро, без потребните дозволи за градба, затоа што се уште не бил донесен Детален урбанистички план за ова место кое е под заштита на државата како вредно културно наследство. Владиката Тимотеј не сака да го коментира случајот. Во телефонски разговор тој кусо одговори дека не чувствува потреба да објаснува нешто, затоа што црквата не гради ништо ново, туку само се обновува конакот кој некогаш постоел во Заум. Дозвола не била обезбедена затоа што не постои урбанистички план, но доставено е соодветно барање до надлежните институции, појасни г. Тимотеј.
Тој додаде дека целта е да се заштити вредното духовно и културно богатство и дека конаците кои се обновуваат нема да се користат во комерцијални цели, туку исклучиво за црквата.
Од Заводот и Музеј Охрид, кој го изработи идејниот проект за реконструкција на конаците во Заум, велат дека не е испочитувана законската процедура и не се исполнети потребните предуслови за добивање дозвола за градба.
– За жал не е испочитуван законот во овој случај. Факт е дека тука постоел конак, заради тоа ние пред неколку години изработивме идеен проект за реконструкција на тој манастирски конак. Во меѓувреме почнавме со изработка на елаборат за ревитализација на манастирскиот простор и требаше да почнеме со изработка на заштитно конзерваторски основи за урбанизација на овој простор, всушност за вцртување на локација за конак. Сите овие предуслови треба да бидат исполнети за да може да се поднесе проект до Министерството за транспорт и врски за добивање одобрение за градба. Во моментов бидејќи просторот не е урбанизиран невозможно е да се побара одобрение за градба, постапката е во тек меѓутоа не е завршена за да може да се издаде одобрение и пристапи кон изградба на објектот.– изјави Тања Паскали Бунташеска – директор на Завод и музеј Охрид.
Идејниот проект за реконструкција на конаците во Заум изработен од Завод и Музеј – Охрид
Таа рече дека градбата се изведува на предвиденото место, но надлежните не биле запознати дека истата е отпочната, за што се информирале од медиумите. Додаде дека изработениот проект за реконструкција на конаците е идејно решение и требало да се доработи со сите фази и врз основа на урбанизацијата којашто треба да се направи на просторот да се се издаде одобрение за градба.
-Наша идеја беше постоечкиот ѕид во Заум да се сочува, конзервира и презентира, а самиот објект да се повлече за метар и половина и да се направи нов објект, со тоа што ќе бидат презентирани остатоците од стариот објект. Тоа не е спорно, единствено што е спорно е законската процедура според која треба да се добие одобрение за градба и да се отпочне со градба.-рече Паскали Бунташеска.
Бидејќи се работи за заштитено подрачје, при изведба на градежни работи неопходен е надзор од страна на Завод и Музеј.
-Согласно законските прописи веројатно Управата за заштита на културното наследство, поточно инспекциските служби ќе дојдат на лице место, ќе направат увид што е изградено и веројатно ќе го известат државниот градежен инспекторат, но се прават напори да се забрза процедурата, да се заврши потребниот елаборат во интерес да не дојде до уривање на објектот. – додаде Паскали Бунташеска.
Во текот на минатата недела било поднесено барање за урбанизација на просторот до општината која треба да одлучи за евентуално нахнадно издавање на одобрение за градба. Од локалната самоуправа, исто така, најавија ќе биде извршен инспекциски надзор во Заум.
– Ќе постапиме согласно законските можности и ингеренции. Тоа ќе зависи од инспекциските служби по надзорот кој го прават.-изјави Димитар Спасески – секретар на општина Охрид.
Манастирот посветен на Св. Богородица во Заум датира од 14 век и до него се стигнува само по воден пат. Со оглед дека просторот не е урбанизиран, останува дилема дали и какво техничко решение е предвидено за прифаќање и пречистување на отпадните води од објектот кој се гради, како и за изградба на пропратната инфраструктура. Првичниот план предвидувал и хортикултурно уредување на поширокиот простор, но во фаза на идејно решение, па останува дилема какво ќе биде финалното решение, со оглед дека на терен градежните активности за обнова на конавите започнаа пред да биде донесен неопходниот урбанистички план.
OhridNews