Епископот Методиј Златанов, на прес конференцијата по завршувањето на работниот дел од Соборот, изјави дека несоодветната формулација и поврзувањето на предлогот за вметнување на Охридска архиепископија во името на МПЦ со актуелниот политички момент, се причините поради кои точката била повлечена од дневен ред.
Црковно народниот собор на МПЦ на заседанието во Калишта усвои резолуција во која го повика државниот врв на единство во решавањето на спорот со името. Во резолуцијата што ја усвои Соборот, се бара државата да ги употреби сите сили за заштита на националниот и духовниот идентитет на македонскиот народ и се потенцира дека црквата и натаму цврсто останува на ставот донесен на Црковно народниот собор во 2005 година за неменување на уставното име на земјата. Спорот со името на државата е главната причина за непризнавањето на МПЦ од страна на Цариградската патријашија, истакна во поздравното обраќање на Соборот, поглаварот на МПЦ, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан. Но наше е ние и натаму да ја чуваме верата, да ја чуваме црквата, додаде, поглаварот Стефан.
Чествувањата по повод 50 годишнината од Вториот Црковно народен Собор на кој беше возобновена автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква продолжуваат со литургии и свечена академија во катедралната црква Св. Софија, каде утре ќе се одржи богослужба со која ќе чиноначалствува архиепископот Стефан.
.