Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа одржа седница, на која била разгледана и актуелната политичка состојба во државата. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ изрази целосна и безрезервна поддршка на Претседателот Никола Груевски, Извршниот Комитет на партијата и Владата на Република Македонија во справување со предизвиците наметнати од неодговорното однесување на СДСМ.

„Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го осудува недозволивото, срамно и деструктивно однесување на раководството на СДСМ и нивната стратегија за предизвикување на дестабилизација на Република Македонија.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, согласно својот статут и континуитетот на кој се повикува, а поврзан со суштината на делувањето на историското ВМРО, потенцира дека нашата партија има историска одговорност да се бори против вакви деструктивни потези кои имаат цел спротивна на националните и државни интереси на Република Македонија.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ без никаква дилема упатува јасна порака до сите дека нема да дозволи спроведување на туѓи сценарија, дестабилизација на државата и насилно превземање на власта спротивно од волјата на мнозинството граѓани. Сите оние што наумиле да ја воведат државата во такви сценарија добро е со време да се откажат.“ –  стои во соопштението. 

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ упати апел до членовите и симпатизерите на партијата да не наседнуваат на провокации, туку, како што се вели во соопштението, „да застанат гордо, силно и во збиени редови во одбрана на достоинството и честа на државата и нејзините национални интереси.“ 

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ им наложи на своите избрани функционери, да продолжат да работат исклучиво во интерес на граѓаните, а нив ги повикува да се приклучат на оваа борба за зачувување на достоинството, стабилноста, демократијата и економскиот развој на државата.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ апелира и ги повикува сите надлежни државни институции максимално професионално, одговорно и ефикасно да ги испитуваат и разрешуваат сите сомнежи и прашања поврзани со актуелната состојба во државата.

OhridNews