Трагедијата во Тетово во која едно 22-годишно момче го загуби животот, а десет се ранети или повредени и другите инциденти, за само една ноќ, ги потврдува прогнозите на ЦИВИЛ за ерупција на оруженото насилство и општиот криминал во земјата, велат од оваа невладина организација. Според ЦИВИЛ, овие трагични настани се последица од долгогодишното занемарување на обврската да се спроведат доследни и одржливи мерки за контрола на оружјето.
-Порастот на употреба на оружјето е последица од култот кон оружјето особено меѓу младите, а за тоа се одговорни токму владините политики и практики. Со години наназад се негува култот кон насилството преку образованието и културата, а општата клима во општеството ги поттикнуваат мотивите за насилно решавање на проблемите меѓу луѓето. Нервозата и тензиите на сите нивоа и во сите сфери на секојдневието создаваат амбиент во кој поседувањето и фаталната употреба на оружјето се сфаќаат како нормален, па дури и единствен начин да се надминат разликите и конфликтите.
Нефункционалните институции, партизираното судство и полиција, разореното ткиво на општеството и коруптивното владеење создаваат амбиент во кој младите стануваат први жртви. Тие не добиваат шанса да се развиваат во согласност со нивните потреби и лесно им подлегнуваат на девијантните и криминалните тенденции во општеството. – велат од ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ подолг период укажува на потребата од сериозни акции во сферата на контролата на оружјето, почнувајќи од собирање на нелегалното и строга контрола врз лиценцираното оружје и едукација за надминување на култот кон оружјето.
-Тоа не може да се постигне без јакнење на довербата на граѓаните во институциите и владеење на правото, што во овие услови изгледа практично невозможно. Малубројните активности на институциите во оваа насока останаа само козметички обиди да се затскрие тажната реалност во која живеат младите и општеството во целост. – се вели во соопштението.
Организацијата упатува критики кон власта дека го игнорира проблемот со оруженото насилство и упатува апел до граѓанските организации да се стават на располагање и да ги понудат своите ресурси за да се изнајдат решенија и мерки за залечување на општеството од, како што се вели, овие крвави навики.
OhridNews