Болестите на циркулаторниот систем се најчестата причина за смрт кај охриѓани. Статистичките податоци покажуваат дека повеќе од половина од вкупниот број на починати во Охрид, настрадале од здравствени проблеми поврзани со кардиоваскуларниот систем.

Според податоците на Публикацијата „Природно движење на населението за 2014 година“ која беше објавена вчера од страна на Државниот завод за статистика од вкупно 579 починати охриѓани во текот на минатата година, дури 374 лица смртно настрадале поради проблем со Циркулаторниот систем.

Од табеларната евиденција за морталитет од ланската година, може да се види дека оваа бројка е за 273 лица поголема од бројката на починати кои го загубиле животот поради Неоплазми или карциномни заболувања, кои се втори на листата за морталитет со бројка од 101 починато лице. Статистичките показатели говорат дека 22 лица од вкупниот број на починати охриѓани настрадале од Метаболички нарушувања, 14 од болести на Респираторниот, а 10 лица од болести на Дигестивниот систем.

Според возрасната граница на починатите, најголем број или 438 починати биле на возраст од над 65 години. На возраст од 45 до 64 години лани починале 116 охриѓани, а смртно настрадало и 21 лице на возраст од 25 до 44 години.

Според половата распределба на бројот на починати во 2014 година, поголем е бројот на починати мажи со вкупна бројка од 311 лица или за 43 повеќе од бројот на починати жени, кај кои се регистрирани 268 смртни случаи.

Во статистичките прикази на Публикацијата „Природно движење на населението за 2014 година“ може да се види дека во текот на минатата година во Охрид се родиле 559 деца од кои 303 се од машки и 256 од женски пол. Според старосната структура на мајките, најголем е бројот на оние кои родиле се на возраст од 30 до 34 години, каде е регистрирана бројка од 198 жени.

Во делот на статистичката евиденција за бракови, стои податок дека во текот на 2014 година во Охрид стапиле во брак 348 парови, а биле рагистрирани и 70 разводи.

OhridNews