Грција ќе бара солидарност кон бегалците и праведна распределба на товарот меѓу државите членки на Европската унија на самитот ЕУ-Турција кој ќе се одржи денеска, изјави во неделата грчкиот премиер Алексис Ципрас, критикувајќи го воведувањето на построгите контроли на границите кои доведоа до блокирање на бегалците на грчка територија, пренесува „Макфакс“.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја обвини Австрија и балканските земји дека „ја уништуваат Европа“, забавувајќи ги приливот на имигрантите и бегалците кои сакаат од Грција да се упатат кон северот на континентот.

Според властите во Атина, во Грција се блокирани околу 30.000 мигранти, кои чекаат Македонија да ја отвори границата , но тоа нема да се случи сé додека тоа не го сторат Австрија и другите земји од ткн балканска мигрантска рута. До крајот на март, според процените на Европската комисија, во Грција би можело да влезат 100.000 луѓе.

„Европа има нервен слом. Дали Европа на стравот и расизмот ќе надвладее над Европа на солидарноста?“, изјави Ципрас пред состанокот на челниците на неговата коалиција на радикалната левица Сириза.

Грчкиот премиер смета дека земјите од средна Европа со сериозни демографски проблеми и ниска невработеност може долгорочно да имаат полза од бегалците чиј број на континентот надмина милион, но и оти политиките на штедење создале „крајно десничарско чудовиште коешто се противи на тоа“.

„Европа денес се наоѓа во јазот меѓу штедењето и затворените граници. Ја држи отворена вратата за штедењето, но затворена за луѓето кои бегаат пред војната. Државите членки (на ЕУ – з.р.) предводени од Австрија, сакаат да ја наметнат логиката на тврдината Европа“, рече Ципрас.

„Не покажуваме со прстот кон ниедна земја или народ во Европа. Се противиме на оние кои им подлегнуваат на ксенофобијата и расизмот. Ќе продолжиме да спасуваме животи… и да ја браните хуманоста на Европа“, порача грчкиот премиер./

Ципрас најави дека на самитот меѓу ЕУ и Турција во понеделник ќе бара солидарност кон бегалците, намалување на нивниот прилив од Турција, праведна распределба на товарот и борба против криумчарите со луѓе. Ќе бара, исто така, санкции против државите коишто нема да почитуваат одлуката на ЕУ.

OhridNews
ивор: „Макфакс“