Грчкиот премиер Алексис Ципрас вчера поднесе оставка надевајќи се дека ќе ја зацврсти својата власт на предвремени парламентарни  избори по седум месеци од мандатот кој исто така го освои на предвремени избори.

До завршувањето на изборите, владата на Грција, според уставните одредби, ќе ја води претседателката на Ареопагот (Врховниот суд), Василики Тану-Христофилу.

Премиерот Алексис Ципрас му ја предаде својата оставка на претседателот Прокопис Павлопулос и го замоли да го одреди најраниот можен датум за одржување на изборите. Иако, тоа не го спомена Ципрас, владини функционери ги брифираа грчките медиуми дека неговата цел е предвремените избори да се одржат на 20-ти септември, во периодот кога тој ќе се обиде да го задуши бунтот во неговата коалиција на радикалната левица Сириза и да обезбеди поддршка од јавноста за програмата за надворешна финансиска помош за Грција која тој ја договори.

„Му ја предадов на претседателот својата оставка и оставката на целата влада. Политичкиот мандат од изборите на 25-ти јануари дојде до своите граници и сега грчкиот народ мора да го искаже своето мислење“, рече Ципрас во телевизиското обраќање.

Истакна дека народот треба да реши „кој ќе ги води преговорите за отпишување на државниот долг, кој ќе ги спроведува радикалните реформи“.

„Притисокот, уцените, финансиското задушување и ултиматумите доведоа до ситуација без преседан во Грција. Општеството сака да се измени. Не ги постигнавме нашите цели и договорот кој го посакувавме. Меѓутоа, го постигнавме најдобриот можен договор. Тој договор мора да се почитува“, рече уште Ципрас.

Според него, кабинетот сака да добие јасен мандат од народот и стабилна влада. „Со вашиот глас, сакаме да биде одлучено кој и како може да ја води Грција на тешкиот но патот кој дава надеж“, порача Ципрас.

Предвремените парламентарни избори би требало да му овозможат на Ципрас да ја потврди својата популарност кај грчките избирачи, пред најострите делови од програмата да започнат да дејствуваат, се очекува веќе во октомври, и би можеле да му овозможат да се врати на власт со зацврстена позиција, без бунтовниците против новата програма за помош во Сириза, кои би го оптоварувале.

OhridNews

Извор: „Макфакс“