Скандалот со прислушувањето ја зголеми нестабилноста во земјата, каде опозицијата го бојкотира Собранието уште од изборите во април 2014, за тоа што треба да се направи Центарот за истражување и креирање политики изработи куса анализа како рамка која треба да послужи како основа за дискусија.
Прво и најитно е враќање на политиката на ниво кое ги задоволува основните цивилизациски норми и пристојност. Да се биде политичар не значи по автоматизам специјални привилегии. Политичарите не смеат да го злоупотребуваат системот на привилегии, напротив, треба да ги градат, надградуваат и промовираат со сопствен пример доблестите како приземност и отчетност. Помеѓу голем дел од населението постои чувство дека владејачката коалиција а посебно ВМРО-ДПМНЕ ја имаат „заробено државата“, се вели во анализата на ЦИКП, пренесува „Макфакс“.
Според нив, содржината на прислушуваните разговори е дискутабилна. „Како и да е, дури и да ги прифатиме тврдењата на премиерот Груевски дека некои материјали се точни, некои се делумно точни, а некои се лажни, постојат сериозни индикации дека демократијата денес во Македонија е во опасност. Веќе извесно време сите аспекти на јавниот живот, од администрацијата до јавните претпријатија и граѓанското општество се политизирани“, стои во анализата.
Предлагаат дека Македонија треба веднаш да се фокусира на зајакнување на независноста и надлежностите на неколку јавни институции како Државниот завод за ревизија, Агенција за аудио и аудиовизуелни услуги, јавниот радиодифузен сервис (МРТ), Канцеларијата на Народниот правобранител, Јавниот обвинител, Државната комисија за спречување на корупција, Државната изборна комисија и други. „Можеле да се размисли и за систем на избор / именување на претставници на овие тела преку консензуално гласање во парламентот, каде на пример номинациите ќе бидат потврдени од страна на големо мнозинство, а кандидатите ќе имаат многу силни квалификации“, се вели во анализата.
Исто така, во анализата се вели дека е потребно и се очекува промена во составот на министри во кабинетот на Груевски, особено оние министри за кои има наводи евидентирани во преслушуваните снимки дека направиле престап.
„СДСМ мора да ја продолжи својата парламентарна функција и да се врати во македонското Собрание. Потребно е ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да најдат консензуален договор со СДСМ и ДПА во однос на реорганизирањето на кабинетот. Понатаму, клучните министри за потребните реформи и за здобивање доверба во политичкиот процес, како што се министрите за внатрешни работи и за правда, треба да се одобрат со согласност од опозицијата. Потребно е формирање собраниски комитет со консензуална согласност што ќе ја истражи аферата со прислушувањето и ќе вклучи независни експерти од Македонија, како и независни членови од Венецијанската комисија од и земји-пријатели на Македонија. Комисијата треба да извести за своите наоди во разумен временски рок (една година).
Објавувањето на прислушуваните снимки треба да запре, а судскиот процес против сите лица вклучени во скандалот со прислушување односно на сите инволвирани во аферите „Пуч“ и „Прислушување(бомба)“треба да продолжи внимателно. Со оглед на напливот од недоверба, потребно е согласност за набљудување на процесот од страна на обвинители/судии назначени од ЕУ. Кривичните обвиненија против Заев и Груевски треба особено внимателно да се процесираат.
Треба да се изготви и организира попис што е можно поскоро, дури и ако не е поставено прашањето за етничката припадност.
Сите други истакнати проблеми во однос на слободно и фер однесување на изборите треба веднаш да се разгледаат – избирачкиот список е еден од нив. Потребно е да се усогласи временски спроведувањето на пописот и спроведувањето на изборите. Сѐ на сѐ, потребна е согласност за да се одржат нови избори не подоцна од крајот на есента 2016 година. Ако предвидените реформи од тука се спроведени и политиката се врати во нормала, овие избори треба да донесат нова зора за демократска Македонија.
Во кусата анализа на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) под наслов „Спасување на демократијата во Македонија: што да се направи по скандалот со прислушувањето“која се однесува на актуелната политичка ситуација во земјава, свој придонес дале и студентите од советодавната група при Школата за јавни политики „Мајка Тереза“.
OhridNews
извор:„Макфакс“