Новооткриените документи на американската Централна разузнавачка агенција покажуваат дека Американците имале дојави дека лидерот на Третиот рајх, Адолф Хитлер, живеел во Јужна Америка во 1955. година, десет години откако, според официјалната верзија, извршил самоубиство. Имено, официјалните документи откриваат дека Филип Ситроен, поранешен “есесовец”, во 1954. година им кажал на шпионите дека редовно го гледа фирерот во Колумбија, и дека Хитлер работел за една бродска компанија пред да замине за Аргентина. Наводно живеел во градот Туња, северно од Богота.
Како доказ, во извештајот била приложена и фотографија на Ситроен со Хитлер, кој тогаш бил во средните 50-ти години. Додека агентите мислеле дали да преземат некаква акција, Хитлер наводно во јануари 1955. година, заминал во Аргентина. За таа фотографија се знаело и се зборувало, но ЦИА дури сега за прв пат ја објавила.
Имено, документот кој го потпишал шефот на канцеларијата на ЦИА во Каракас, Дејвид Брикснор, бил пратен во 1955. година во Вашингтон, заедно со фотографијата на Ситроен. Во документот пишува дека фотографијата е направена “не многу одамна”.
Исто така, во документите пишува дека Ситроен стравувал дека соузниците повеќе нема да можат да му судат на Хитлер за воени злосторства, бидејќи од војната веќе минале десет години.