Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Охрид денеска ги обвини градоначалникот Александар Петрески и локалната самоуправа дека незаконски и нетранспарентно објавиле тендер за реконструкција на тротоари на повеќе улици во градот вреден 2,5 милиони евра. Според пратеникот Цветко Грозданов, тендерот во кој како што рече не се наведени датумот на распишување и роковите за учество во него, е само покритие за веќе извршени работи.


Општината распишува незаконски тендери-Цветко Грозданов

„Се фрла магла во очи на граѓаните, а добар дел од работите наведени во тендерот кој е објавен само на веб страницата на Бирото за јавни набавки, се веќе завршени, а тендерот треба да послужи само за покривање на одредени позиции“, рече Грозданов. Сакаме да го запознаеме јавното обвинителство со нашите сознанија, додаде Грозданов, кој не ја исклучи можноста, доколку биде потребно, и  ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид да поднесе кривична пријава против градоначалникот.

Според Грозданов, општината не смее 6 месеци пред 31 12.2008 година да распишува тендери, бидејќи на тој начин ќе го задолжи идниот градоначалник и  советот со 2,5 милиони евра. Грозданов исто така имаше забелешки и на конкурсот за вработување на државни службеници во општината.

Од локалната самоуправа ги демантираат обвинувањата изнесени на прес конференцијата на пратеникот Грозданов.

„Тоа се политички и паушални обвинувања кои не држат место, затоа што целата оспорена постапка е направена законски и транспарентно“, изјави за Оhridnews, градоначалникот Петрески кој се наоѓа на службено патување во Израел. Според него пратениците треба да се грижат за државните работи и за тоа што се избрани од народот, а локалните проблеми да   остават да ги реши општината.

Наводите на Грозданов ги оспори и Ранко Крстески, член на Комисијата за јавни набавки.

„Постапките кои општина Охрид ги спроведува за јавни набавки се согласно планот за јавни набавки кој градоначалникот Петрески го донесува на почетокот на календарската година. Тој се спроведува во строго дефинирана законска рамка, што значи дека нема можност во ниеден дел  од постапката да се направи законски прекршок“, тврди Крстаноски. Тој објасни дека тендерот е објавен на веб страната  на Бирото за јавни набавки и лесно може тоа да се провери. Крстаноски вели дека  не држат обвинувањата дека тендерите се објавени во предизборна година  затоа што Законот за јавни набавки такво нешто не регулира, а Законот за спречување на корупција кажува дека јавни набавки не се спроведуваат само во изборна кампања, односно во изборна година. Тој ги отфрли и забелешките дека со тендерот се опфатени веќе извршени работи, објаснувајќи дека позициите опфатени со постапката се однесуваат на други површини од улиците кои биле опфатени со поранешни тендери.

Г. Момироски