Велика Сабота е ден на свештен трепет пред Христовото воскресение. Централната богослужба за Велигден во Охрид ќе се одржи во Свети Климентовиот храм Свети Пантелејмон на Плаошник со почеток во 23:30 ч. Со неа ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј

По повод најголемиот христијански празник Велигденско послание до верниците испратија  Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква:

Возљубени духовни чеда,

Воскресенскиот торжествен поздрав, тој преславен восклик, восклик на победа и триумф, кој ни носи живот вечен, одекнува по целата вселена повеќе од две илјади години. Тој триумф на светлината над темнината, на доброто над злото, на вистината над лагата, пак и пак ни ги зацврстува верата, надежта и љубовта во воскреснатиот Спасител и ширум ни ги отвора рајските порти. Зашто, Тој Самиот ни ја објави непобедливата и силна вистина: „Ми се даде секоја власт на небото и на земјата” (Матеј 28, 18). А богоглаголивиот апостолот Павле, додава: „Како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, …како што преку престапувањето на еден човек дојде осудувањето на сите луѓе, …така и благодатта се зацари со правда за живот вечен – преку Исуса Христа, нашиот Господ” (Рим. 5, 12. 18. 21).
Славното и сепобедно воскресение на нашиот Господ Исус Христос е најголемиот настан во човечката историја. Тоа е аголен камен, темел на верата наша христијанска. Зашто, „ако, Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и вашата вера” (1 Кор. 15, 14). А, Христос воскресна и, поради тоа – Евангелието стана спасоносна вистина!

Тајната на Христовото воскресение е над можностите на секој збор него да го објасни и над нашата способност тоа да го сфатиме. Тоа е исполнување на великото дело за откуп на човештвото од ропството на сатаната и распадливоста. Преку тој неповторлив настан секому му се дава право да се нарече – син Божји. Тоа е враќање на изгубениот рај, ризница на животот вечен и на единството со Бога. Затоа и апостолот Павле вели: „Да Му благодариме на Бога Отецот, Кој нè направи способни да учествуваме во наследството на светиите во светлината, нè избави од власта на темнината и нè воведе во царството на Својот возљубен Син, во Кого имаме откуп и простување на гревовите” (Кол. 1, 12-14).
Возљубени празникољупци,

Како ние денес Го доживуваме воскреснатиот Господ и Неговото воскресение? – Го доживуваме со неповторлива радост, со радоста на мироносиците и на апостолите, како што сведочи евангелистот: “И како излегоа брзо од гробот, тие со страв и голема радост отрчаа да им соопштат на учениците… Исус ги пресретна и им рече: „Радувајте се!” (Матеј 28, 8-9). Воскреснатиот Господ Самиот посака така, па затоа и ние со целата Црква Му пееме: – „Овој ден, кој го создаде Господ, е да се зарадуваме и да се развеселиме во него!”

Нам не ни е дадено да Го видиме Господа со нашите телесни очи, како што Го видоа учениците Негови, но нашата радост во ништо не е помала, зашто кога Господ му дозволи на Тома – и да Го види и да Го допре, Он ги возвеличи оние кои не побараа да видат, велејќи: „Блажени се оние, кои не виделе, а поверувале” (Јован 20, 29). Ние, пак, веруваме во воскреснатиот Господ без да Го видиме, и, ете, затоа нашата радост е – радост неминлива. Светиот апостол Петар зборува за вистинската радост на оние, кои не виделе, а поверувале: „Исуса Христа, Кого Го сакате, иако не сте Го виделе, и во Кого верувајќи сега, а не гледајќи Го, се радувате со неискажлива и прославена радост” (1 Петр. 1, 8).

Таа радост, пак, не е моментна и не е само за една ноќ – за велигденската ноќ, туку истата постојано треба да нè исполнува. Зашто, ако секојдневно во себе ја носиме воскресенската радост, во ова време на безнадеж, омраза, страдања и војни, многу несреќи во овој свет ќе исчезнат и многу животи ќе бидат поштедени. Следбениците на Христа воскреснатиот треба да се единственото Евангелие, што секој ќе може да го прочита. Затоа, секоја наша љубезна насмевка, секој наш благ збор и благородна постапка кон другите, ќе овозможат секој да ја види незалезната светлина на воскреснатиот Господ, како свети во нашите срца. Така, за луѓето околу нас, ќе бидеме постојана „радосна вест” и живо Евангелие на нашиот Господ.
Возљубени во Господа Воскреснатиот,

И во овие велигденски денови Бог нè повикува секогаш да правиме добро – да сакаме, да бидеме благородни и милостиви, да проштеваме… – „Еден спрема друг бидете љубезни со братска љубов: натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг… Радувајте се со радосните и плачете со расплаканите… Никому не враќајте зло за зло, а размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе… Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе… Не позволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро” – нè учи боговдахновениот апостол Павле (Рим. 12, 10-21).

Оттаму, Христовото воскресение нека ни биде духовна пролет, време на милост и проштевање за секого од нас, каде и да сме. Стоејќи в црква, да се потсетиме дека стоиме во океанот на безусловната љубов и на бескрајната милост на воскреснатиот Господ. Затоа, „да застанеме добро” и да им простиме на сите што нè навредиле. Зашто, „кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сè стана ново” (2 Кор. 5, 17).
Возљубени чеда на нашата Света Црква,

Токму таквата убеденост, која во нашиот народ постанала и останала единствен извор на надеж и утеха во сите голготи и страданија, и сега ќе ни помогне да истраеме во одбраната на вистината за Македонија и за сè што е наше македонско. Од таа наша вера во воскресението се научивме на трпение, па затоа и сега цврсто веруваме во правдината и во конечната наша победа.

Неправдите кон нас не се ништо ново! Тие и овојпат само можат и треба да ни помогнат да станеме поединствени и поцврсти во бранењето на нашиот национален и духовен идентитет и во зачувувањето на сè што е македонско. Сите ние, како чеда на Македонија, должни сме да придонесеме во запазувањето на нашето вековно минато и на нашата сегашност, зашто само така ќе обезбедиме и трајна македонска иднина.

Оваа година за нашата Света Црква поминува во знакот на одбележувањето на јубилејните 50 години од Вториот црковно-народен собор, одржан во почетокт на октомври во 1958 година во Охрид, на кој соборјаните донесоа едногласна и еднодушна одлука – да се возобнови Охридската Архиепископија како Македонска Православна Црква. На тој историски собор, тогашниот епископ Доситеј е избран за поглавар, за Архиепископ охридски и митрополит македонски, со што е тргната двевековната неправда кон нашата Света Црква и кон Светиклиментовиот трон. Чествувајќи го тој Јубилеј, ќе се потсетиме и на апостолот Павле, сеачот на Евангелието по македонската земја, кому меѓу христијанските народи ќе му се одбележи 2000 годишнината од неговото раѓање. Ќе се одбележат и 150-те години од хиротонијата за епископ Кукушко-полјански на Партениј Зографски, големиот духовник, преродбеник, учебникар и борец за народен јазик, токму во годината во која се истакнува значењето на јазиците во комуникацијата на народите. Таа и кај нас е прогласена како година на македонскиот јазик, за коешто е потребно – сите да сториме сè да се зачувува чистотата и убавината на нашиот мајчин јазик, јазикот на нашите претци, на нашата култура, јазикот осветен преку духовноста и богослужението.

Честитајќи ви го најголемиот празник – Христовото воскресение, посакуваме, како чеда на Мајката Црква, сите да сме заедно во молитвата, во љубовта, во единството и разбирањето. Исполнети со светлоста на воскресението, ве поздравуваме со поздравот на радоста и вечниот живот:

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ! – НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ!
Архиепискот Охридски и Македонски г.г. Стефан