Цените на пијалоците и храната во угостителските објекти во Охрид вон сезона се превисоки, сметаат граѓаните. Тие реагират дека охриѓани се жртви на неекономскиот однос на угостителите кои редовно пред сезона ги покачуваат цените на услугите, кои по завршувањето на туристичкиот шпиц не се корегираат. Поради тоа дел од нив велат дека се’ поретко го пијат утринското кафе во некоја од кафетериите во чаршијата, се прескокнува чорбата која некогаш беше дел од секојдневните навики, а излегувањето во ресторан се сведува на семејни или други веселби со повод.

Дека граѓаните имаат сериозни забелешки на цените во угостителските објекти покажуваат и резултатите од анкетата што во изминатите денови ја спроведовме на нашиот интернет портал. На прашањето „Дали цените во угостителските објекти во Охрид вон сезона се високи?“, 72 % или 1409 читатели на „Оhridnews“  одговориле потврдно, 291 читател или 15% смета дека треба да има корекција на цените вон сезона, 128 – мина или 7% дека треба да има сезонски попусти и само 6 отсто, односно 131 читател смета дека  цените во угостителските објекти во Охрид се реални. Во анкетата беа вклучени 1959 испитаници.

На цените реагираат и гостите кои доаѓаат од другите градови, кои се жалат дека немаат стандард за охридските угостителски објекти. Мал исклучок се посетителите од Скопје, каде единствено можат да се најдат повисоки цени во угостителските објекти од охридските. Сепак во Скопје за разлика од Охрид може да се јаде и за пристојна цена, а некаде и многу поевтино. Во Охрид, што претставува своевидна нелогичност, разликата во цени или е незначителна или ја нема без оглед каде се наоѓа ресторанот, кој е амбиентот и што нуди. Во Охрид како ретко на друго место се случува кафетерија да има исти цени со ноќен клуб или дискотека.

Еспресо кафето во центарот на Охрид ќе го платите помеѓу 40 и 60 денари, најниската цена на сок е 70 денари, домашно пиво чини 80-90 денари, чашка водка или коњак е 70 денари, а најниската цена на виски чини 150 денари.

Угостителите со кои разговаравме го делат мислењето со граѓаните, но само за дел од посочените забелешки. Тие се согласуваат дека цените во угостителските објекти во Охрид вон сезона можеби се малку повисоки, но велат дека на тоа влијаат цените на кириите кои според нив се исклучително високи. Годишна закупнина на угостителски објект од седумдесетина метри квадратни во центарот на Охрид изнесува 15 000 евра посочуваат еден пример угостителите.

И за угостителите е нерално што цените на пијалоците се исти без оглед дали се престојува во кафетерија, ресторан или дискотека. Нема многу логика чаша сок или пиво во кафетерија да ве чини исто колку и во ноќен бар или дискотека, а угостителските објекти кои продаваат храна исто така држат високи цени на пијалоците, што е невообичаено, велат угостителите со кои разговараше екипата на „Ohridnews“. Тие посочуваат дека влијание на високите цени во угостителските објекти има и покачувањето на продажните цени на пијалоците за речиси 30%. Со високи кирии и скапи набавни цени денеска многу тешко се врзува крај со крај се жалат охридските угостители.

Дали тоа значи дека вообичаено пред почетокот на главната туристичка сезона ќе има ново поскапување на цените во угостителските објекти е отворено прашање. А, отворено прашање е и какви ќе бидат последиците од светската економска криза врз севкупната туристичка понуда на Охрид. Се очекува на светско ниво поради рецесијата прометот во туризмот да опадне до 30%. Поради тоа светските хит дестинации ги намалија цените на аранжманите, а се повеќе внимание им се посветува на домашните и гостите од соседството. Ако е тоа светска практика, тогаш тоа значи дека цените на туристичките аранжмани и угостителските услуги треба да ги прилагодиме кон моќта на домашниот потрошувач, а да бидеме конкурентни и примамливи и за гостите од соседството. Но тоа пред се зависи од економската оправданост која сакале или не ќе мора да ја најдат нашите туристички работници и угостителите, ако сакаат да им парираат на соседните туристички дестинации кои веќе најавија корекција на цените за претстојната туристичка сезона.

OHRIDNEWS