Цените на становите ќе останат исти во наредните три години, објави „Вест“. Според анализите на Стопанската комора, тоа се должи на продолжувањето на повластената даночна стапка од 5 отсто која требаше да важи до 31 декември годинава, но ќе остане непроменета уште три години, предвидено е со најновите измени на Законот за ДДВ, кои ги подготвува Министерството за финансии.

-Побарувачката на станови се зголемува, иако продажбата бележи благо намалување. Тренд на опаѓање имаат и цените – за околу 11 отсто од 2010 година, вели Марија Петреска од Стопанската комората.

Според анализите на Стопанската комора, куповната моќ на населението е една од главните причини за неможноста за купување станови, бидејќи просечната плата изнесува околу 350 евра или 2,5 плати и повеќе за 1 квадратен метар станбен простор. Стопанската комора укажува дека станбените кредити на физичките лица бележат пораст, односно одобрени се 3.291 милион денари или скоро дупло, во споредба со 2010 година.

Просечните цени на становите се движат околу 750-850 евра за квадратен метар, без ДДВ, меѓутоа, во зависност од локацијата и од градот, тие може да достигнат и преку 1.200 евра за квадрат.

OhridNews

Извор: „Вест“