Цените на храната ќе пораснат меѓу 10 и 40 отсто на глобално ниво во следната деценија заради зголемената побарувачка и владите мораат да работат на зголемување на земјоделското производство. Ова се наведува во заедничкиот Извештај на Организацијата за храна и земјоделство(ФАО) и Организацијата за економска соработка и развој(ОЕЦД), пренесува „Макфакс“.

Растот на земјоделското производство е забавен изминатите десетина години, иако потрошувачката е зголемена заради поголемата заработувачка во земјите во развој, изјавија експертите на двете организации на прес конференција на која беше претставен заедничкиот извештај, пренесува АП.

Во извештајот се предупредува дека владите мораат да изнајдат начин да им овозможат на земјоделците пристап до технологија која ги зголемува приносите и ја подобрува преработката за да може што повеќе храна да стига до пазарите.

Двете организации проценуваат дека цените на храната би можеле да пораснат и до 40 отсто во следните десет години, проценувајќи дека цените на месото растат побрзо од цените на зрнестата храна.

Зголемената цена најмногу ќе ги погоди земјите во развој во кои домаќинствата трошат и до 60 отсто од приходите на храна, предупредуваат стручњаците, додавајќи дека заради смалените инвестиции во земјоделството во изминатите неколку децении и растот на производството паднал за околу третина.

OhridNews
извор:„Макфакс“