Министертсвото за внатрешни работи неодамна набави 4 супер модерни хеликоптери од Литванија. Министерката Гордана Јанкуловска истакна дека со набавката на новите хеликоптери македонската полиција добива најсофистицирана опрема што може да се користи за најразлични цели, но не даде прецизен одговор колку чинат леталата.

– Леталата се набавени согласно Законот за јавни набавки, по најдобрата понуда согласно опремата која ја поседуваат, односно опремата за полициски потреби, изјави денеска во Охрид Јанкуловска.

Министерката Јанкуловска посочи дека македонската полиција со набавката на новите хеликоптери ја има најсофистицирана опрема што може да се користи за најразлични намени, пред се акции за заштита и спасување што е дел од примарните задачи на полицијата. Овие летала, додаде Јанкуловска, спаѓаат  во редот на најдобро опремените и најбараните на пазарот во моментов.

Запрашана за коментар во врска со вчера објавените информации во некои српски медиуми дека дел од лицата уапсени во врска со убиството на Иво Пуканиќ би можеле да бидат поврзани и со обидот за атентат врз претседателот Киро Глигоров, министерката изјави дека МВР нема информации кои би ги потврдиле или демантирале таквите тврдења, но и дека случајот се следи.

Ohridnews