Со прогодна свеченост на која присуствуваа претседателот на УО Бранка Павловиќ, водечките луѓе на банката, директорот на „Сосиете Женерал“ групацијата за Европа Џанлука Соно, гувернерот на Народната банка на Македонија Димитар Богов, коминтенти, деловни партнери и пријатели, вечерва, во употреба беше ставена целосно реновирата зграда во која беше сместено старото седиште на „Охридска банка“ во Охрид.
-Со тоа што инвестираме во Охрид оддаваме посебно внимание и ја потврдуваме нашата посветеност во местото каде што се корените на „Охридска банка“. Ова претставува значајна инвестиција со која се зајакнува позицијата на банката на локалниот пазар и во регионот. Со речиси 20.000 клиенти, физички и правни лица кои го гарантираат деловниот потенцијал Охрид е во фокусот на нашето внимание. – изјави претседателот на УО на „Охридска банка – Сосиете женерал груп“ Бранка Павловиќ.
Павловиќ истакна дека банката внимателно инвестирала во новите простории во Охрид, кои се реновирани според најновите стандарди во градежништвото, со што се овозможува пријатна работна атмосфера и услуга за клиентите.
Високиот претставник на „Сосиете Женерал“ групацијата Џанлука Соно во сворто обраќање пред присутните рече дека реновирањето на старото седиште на „Охридска банка“ има големо значење.
–Со тоа потврдуваме дека станува збор за значајна членка на нашата групација и потврда на нашата стратегија на присутност во регионот. Им честитам на вработените во „Охридска банка“ за постигнатите успеси во работењето и сакам да ве уверам сите, вклучително и гувернерот, дека „Сосиете Женерал“ која е присутен во Македонија осум години, останува и натаму посветена на „Охридска банка“ како членка на нашата групација.- рече Соно.
Гувернерот Богов истакна дека оваа инвестиција на „Сосиете Женерал“ претставува доказ дека банката се грижи за својот имиџ, за своите вработени, за условите во кои тие работат и се грижи за своите клиенти.
–Кога се отвараше претставништвото на банката во Скопје раководството ме уверуваше дека нивниот фокус на Охрид останува и дека истите услови за работа коишто ги добија тие кои се префрлија во централата во главниот град ќе ги имаат и нивните вработени во Охрид. Со реновирањето на оваа зграда тоа се исполнува. –рече Богов.
Богов додаде дека „Охридска банка“ е почитувана во македонскиот банкарски сектор и добро се развива чекор по чекор и веќе е влезена во групата на големи банки, а нејзината профитабилност од година во година е се подобра.
-Резултатите за првите 6 месеци од оваа година се навистина импресивни. Состојбите кои ние ги гледаме во банката, нејзиното портфолио, сигурноста, управувањето со кредитното портфолио, општо поставената организациона срруктура во банката, корпоративното управување се на исклучително високо ниво и даваат сигурност дека банката ќе продолжи да остварува позитивни резултати и во иднина.-истакна гувернерот Богов.
Во знак на придонес кон локалната заедница, „Охридска банка“ на општата болница во Охрид, денеска, и врачи вредносен чек во висина од 3500 евра.
-Со ова банката уште еднаш покажа дека е Охридска и мисли за граѓаните на Охрид, изјави директорт на општата болница Љубен Арнаудов. Тој додаде донацијата ќе биде наменета за купување на нова здравствена опрема.
Г.М.