Во следните 10 дена се воведува  целосна забрана за движење во шумите и шумските појаси на целата територија на Република Македонија, освен за вработените во претпријатијата кои вршат сеча.


Забраната ќе трае до 3 септември, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.  – Според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи во наредните неколку дена се очекуваат високи температури, јужен ветер, ниска релативна влажност на воздухот без услови за дожд што е поволно за ширење на пожарите. Освен мерките за превенција што ги донесе Владата на синоќешната седница уште еднаш апелираме до земјоделците да не ги палат стрништата, истакна Димовски.

Целта е превенирање од пожари зашто можноста од нивна евентуална појава деновиве е зголемена поради топлотниот бран што ја зафати земјава.   Министерството за внатрешни работи, граничната и шумската полиција во следните 10 дена ќе вршат 24-часовна контрола и легитимирање на секое лице затекнато во шума.

Од 1 јули до 22 август годинава се регистрирани 219 големи пожари што во споредба со лани, како што нагласи министерот Димовски, не е голема бројка. Опожарени се 7.000 хектари од кои 2.400 во Битолско. Од вкупно опожарените,6.600 хектари се нискостеблеста шума и високи треви, а 400 хектари се висока борова шума и молика.

Ohridnews