Со шампањ и мала свеченост на градското пристаниште, денеска официјално беа пушени во употреба два патролни чамци на Царинската управа што ќе овозможат царински надзор и на граничната линија што се протега преку Охридското Езеро.


Поединечната цена на патролните чамци е околу 30.000 евра, а секој од нив ќе биде опслужуван од тројца цариници. Тие, како што информираше директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов, ќе работат дење и ноќе, а во тек е и набавка на радари за да имаат подобра контрола на сообраќајот кој се одвива по езерото и за да можат полесно да ги ловат шверцерите.


Имаме информации дека на Охридското Езеро исто така се врши шверц. Не зборуваме само за риби, туку и за стока, дрога и за различни видови шверц. Затоа воспоставивме царинска патрола која ќе биде воведена и на Преспанско и на Дојранско Езеро, рече Каргов.


Тој смета дека воведувањето на езерската патрола значително ќе ја подобри заштитата на границата и ќе делува превентивно.

– Луѓето кога знаат дека покрај другите сатруктури и царината е присутна на Езерото, тогаш тоа психолошки делува и на намалување на желбите за нелегални активности, додаде Каргов.

Првиот човек на македонската царина смета дека необележаната граница на Охридското Езеро нема да претставува пречка во обавување на функцијата на патролните чамци, бидејќи, како што рече, според законот Царината има право да делува на целата територија на државата и надвор од граничниот појас во делот на спречување на царински прекршоци.


Пуштањето во употреба на патролните чамци во Охридското Езеро е дел од свеченостите со кои Царинската управа ја одбележува седумнаесет годишнината од постоењето. По тој повод утре во Скопје ќе се одржи отворен ден на кој ќе биде презентирана современата опрема на царината, а на самиот ден на јубилејот, 14 април, ќе биде презентиран годишниот извештај од работењето на Царинската управа.

Ohridnews