Очигледно некој не сака „А2“ да проработи особено во пресрет на извештајот на Европската комисија и во периодот кој што следува околу нерешениот статус за името,  изјави на прес – конференција поранешната новинарка на А1 телевизија, а сега вработена во А2 телевизија, Катерина Цаневска- Арсовска, пренесува „Макфакс“.

„Сакаме уште еднаш да укажеме за апсурдната состојба на ’А2’ телевизија со која што очигледно некој си поигрува и на која некој од повисоките структури очигледно не и дозволува да проработи. Очигледно иако се работи за кристално јасна состојба од правна страна некому не му одговара да ја наруши идиличната слика која упорно се создава во Македонија. Очигледно некој не сака ’А2’ да проработи особено во пресрет на извештајот на ЕК и во периодот кој што следува околу нерешениот статус за името. Сакаме да ја повикаме УЈП по чиј предлог е отворена стечајната постапка да каже дали ’А2’ должи некому денар. А2 нема долгови ниту према државата, ниту према други лица“ рече Цаневска.

Тони Николовски, Управителот на телевизијата и сопруг на пратеничката од редовите на СДСМ, Ленче Николовска тврди дека на никого не должат ниту денар и дека немаат други решенија за други побарувања

„Тоа што УЈП упорно се труди да создава една тенденција за нови долгови докажува дека се работи за намерно создавање на состојба дека ’А2’ должи. Според мои извори, инспекцискиот надзор на УЈП е под страшен притисок на претпоставените да се набилдаат барањата на УЈП кон ’А2’ телевизија. Затоа и се прави надзор за истиот период два пати“ изјави Николовски.

Доколку се запре стечајната постапка за телевизијата, Николовски тврди дека тие може да се екипираат и станат оперативни во брз период за околу два месеца. За два месеца можеле да вработат 150 луѓе.

„Оркестрираниот напад врз ’А2’ ќе ви ја илустрирам и со тоа што истовремено кога се дознава дека се подмирени средствата кон предлагачот за стечајна постапка за ’А2’, а тоа е УЈП, само за 15 минути во телевизијата дојдоа инспекциски органи на УЈП. Со дозвола за надворешна контрола од 26 август поведуваат надворешна контрола за ДДВ за октомври 2010 до август 2011, односно за период за кој веќе беше извршена контрола, односно за дел од тој период“ вели Николовски.

Судското рочиште за поведување на стечајна постапка за А2 телевизија повторно се одложи за 17 октомври.

Овојпат одложувањето на рочиштето се случи поради тоа што сè уште не бил готов вештиот наод за сметката на телевизијата кој што беше побаран од судот на минатото рочиште.

Од УЈП велат дека сè уште се прави контрола на телевизијата, додека адвокатот Дончо Наков смета дека отворањето на стечајна постапка треба да се прекине бидејќи телевизијата ги платила сите долгови.

Николовски смета дека целиот случај е “тенденциозен со намера да му се оневозможи на еден медиум нормално да функционира“.

Од УЈП тврдеа дека, ниту тие, ниту претстечајниот управник, немале добиено известување за извршените плаќања и затоа бараа да се изврши вештачење на сметките и да се провери законитоста на позајмицата.

За нив беше спорно тоа што плаќањето е извршено на 25 август, а од 24 август, должникот или „А2“ имала забрана за располагање со сметките и имотот.

Адвокатот на А2 пак, изнесе докази дека долгот од над 5 милиони денари е платен.

За претстечаен управник на „А2“ телевизија беше назначен стечајниот управник на А1, Ацо Петров.

По еден ден откако беше отворена претстечајната постапка за „А2“, во јавноста излезе информација дека долгот на телевизијата го платил братот на пратеникот Фијат Цаноски, кој е близок до сопственикот на А1, Велија Рамковски.

OhridNews
извор: „Макфакс“