Филмот „Нема земја за старци“ на браќата Коен ја потвди титулата за најголем фаворит во овогодинешната трка за наградите на Филмската академија од Лос Анџелес. Освен што е прогласен за најдобар филм, на браќата Коен им донесе Оскар и за режија и за најдобро адаптирано сценарио. Шпанскиот актер Хавиер Бардем кој игра во овој филм го освои Оскарот за најдобра машка споредна улога.
„Нема земја за старци“, меѓутоа го изгуби Оскарот за монтажа (кој го доби „Борнеовиот ултиматум“) и за фотографија (го освои „Ќе има крв“). Браќата Коен кои го монтираа филмот, ја пропуштија приликата да станат први четирикратни добитници на Оскарот во една вечер.
Како што се очекуваше, ирскиот актер Данел Деј Луис, оваа година го освои вториот Оскар во кариерата за најдобра машка главна улога во филмот „Ќе има крв“ на Пол Томас Андерсон.
Француската актерка Марион Котилар го доби Оскарот за најдобра женска улога глумејќи ја легендарната Едит Пјаф во биографскиот филм “La vie on rose”.
Шкотската актерка Тилда Свинтон го освои Оскарот за најдобра женска споредна улога во филмот “Michael Clayton”. „Јуно”, комедија за тинејџерската бременост, беше сметан за најсимпатичен и најведар филм од сите пет номинирани за најдобар филм. Сепак, филмот го освои само Оскарот за најдобро оригинално сценарио, но овој филм претставува големо признание за Диабло Коди која пред доаѓањето во Холивуд работела како стриптизета во Минесота.
Наградата за најдобар странски филм ја доби филмот „Фалсификатори“ на Стефан Руцовицки, австриски филм посветен на нацистичкиот план од времето на Втората светска војна за уништување на сојузничката економија со печатење на лажни фунти и долари. Награда за најдобар анимиран филм доби филмот „Ју-ху-ху“ од режисерот Бред Бирд, а Оскар за најдобра музика доби Дарио Марианели за партитурата користена во филмот „Покајување“.Оскарот за најдобар документарен филм ја доби политички ангажираниот “Taxi to the Dark Side” посветен на таксистот кој на смрт го претепале американските војници во Авганистан.
Јасмина Т. Момироска