Селото Трпејца кое се наоѓа на јужниот брег на Охридското Езеро е познато уште и како „македонското Сен Тропе“. Распослано на ритче кое се спушта до самиот брег на езерото, Трпејца покрај тоа што е рибарско село, нуди и одлични услови за туризам. Посебно е привлечно за луѓе кои сакаат да го почувствуваат амбиентот на македонското село, да уживаат во мирот и зеленилото на Галичица, но и да им е на дофат прекрасна плажа со најчистата вода.



Трпејца во најубавиот месец од годината

Трпејца  е нестварно прекрасно во најубавиот месец од годината. Уште отсега жителите забрзано се подготвуваат за дочек на туристите. Се довршуваат градежните работи, се варосуваат куќите, се средува зеленилото по дворовите.


трпејчани се подготвуваат за главната сезона

Ако се спуштите низ стрмните поплочени улички ќе стигнете директно на брегот на езерото каде пред очите се распостила незаборавна глетка. Куќите излегуваат на самата плажа, во дворовите полни со цвеќиња распослани се рибарски мрежи,а под стреите ластовичките веќе ги направиле своите гнезда.


ластовичките се вдомиле на прекрасниот брег

Езерската површина е мазна како огледало, а тишината ја сече само ударот од веслата од понекое кајче. Ако се загледате во далечината, погледот ќе ви заврши во синилото каде се допираат водата, небото и далечниот брег.


преубаво синило

Не може да се каже со сигурност во кој период од  денот е најдобро да дојдете во Трпејца за да ја почувствувате целата убавина.Сепак  глетката е најспектакуларна на зајдисонце кога можете целосно да уживате во амбиентот надополнет со изворна македонска музика од блиските ресторани.


Идила

Јасминка Т. Момироска