Дел од вработените во МЈП „Проаква“ вчера одржаа протестен собир пред управната зграда во Охрид. Тие го изразија своето незадоволство поради тоа што веќе 4 месеци не примиле личен доход.Директорот на „Проаква“ , Бранислав Трпчески  денеска објасни дека не се работи за штрајк, туку за незадоволство заради неисплатени плати.

„Вчерашните групирања беа соло аранжмани на поединци, иако, вработените си ги побараа правата со нормална процедура. Не сакам да давам  квалификации дали имаше друга позадина освен реалните потреби и барања“, објасни директорот на МЈП „Проаква“ Бранислав Трпчески.

Како што кажа Трпчески, во текот на вчерашниот ден, на заедничкиот состанок на управниот одбор, менаџерскиот тим и синдикатот комплетно била објаснета состојбата  во претпријатието а  се потенцирало и дека се прават напори да се исплатат и заостанатите плати.

„МЈП „Проаква“ е заедничка проекција на двете локални самоуправи, на две територии кои се неспоиви по ниту еден основ. Согласно Законот за бруто плати и Договорот за основање на Проаква, секоја локална си ја креира  својата деловна политика. Средствата во охридскиот дел се обезбедени, па се надевам дека во текот на денешниот ден ќе се обезбедат средства и за струшкиот дел, па од утре ќе почне исплатата на заостанатата плата за првиот месец од годинава, а потоа ќе се продолжи и со исплата на останати плати“, додаде Трпчески.

И незадоволните работници потврдија дека вчерашниот  собир не бил штрајк, туку израз на незадоволство, за што овластените синдикални претставници го информирале раководството на меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква“.

А.Ристоска