МЈП Проаква има финансиска конструкција како да го врати долгот од 1 милион евра кон ЕВН, изјави денеска директорот на јавното претпријатие Бранко Трпчески. 

„Во динамична комуникација сме со ЕВН“ вели Трпчески. „Нивната реакција  е нормална, но овој вакуум на неплаќање се должи на неисполнување на обврските од страна на ресорните министерства кон ПРОАКВА за подолг период. Би навел дека министерствата за здравство, култура, образование и одбрана должат 12 милиони денари. Ако ги имавме овие средства добиено од Владата, како и што се договоривме со некои министерства кон крајот на 2007 година – ние ќе бевме ликвидни“ додаде тој.

Според најавите ЕВН ќе ја исклучи „Проаква“ од електро мрежата половина час во знак на предупредување за неплатениот долг.

Надлежните во јавното претпријатие и локалната самоуправа сметаат дека „Проаква“ не треба да биде исклучена од електро системот. Оттаму информираат дека голем дел од долгот отпаѓа на потрошена електрична енергија за колекторот кој е под државна капа. Општината Охрид веќе подолго време е во преговори со ЕВН околу сопственоста на трафостаниците и друга инфраструктура кои ги изградила локалната самоуправа. Општината предлага долгот на јавните претпријатија да биде искомпензиран со отстапување на спорните трафостаници за кои пак ЕВН тврди дека ги добила со приватизацијата на „Електростопанство“.

Трпчески кажа дека главницата од долгот во висина од 42 милиони денари кон ЕВН  ќе биде исплатен со отстапување на 15 трафостаници во сопственост на општината на ЕВН за што договорот бил во завршна фаза. Преостанатиот долг Проаква ќе го врати откако државните институции и министерства ќе го подмират долгот за неплатена вода. Доколку тоа не се случи во четврток тие ќе бидат исклучени од водоводната мрежа, најави Трпчески.


ЕВН ќе исклучува струја – Проаква вода

Портпаролот на ЕВН  Ленче Карпузоска изјави дека компанијата  не е убедена дека Проаква ќе го исплати долгот бидејќи трафостаниците со кои јавното претпријатие сака да изврши компензација не се во сопственост на општината туку се на ЕВН. Таа посочи дека ЕВН кон Проаква ќе се однесува исто како и со другите неплаќачи односно ќе ја исклучи од електро системот доколку не ги плати сметките за струја.

ohridnews
фото: Васко Бујароски