Ноќеска, 40 минути по полноќ, на крстосницата на булеварот „Железничка“ со улицата „Будва“ во Охрид се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „Мерцедес“ со охридски регистарски ознаки, управувано од 48-годишен охриѓанец и патничко возило „Форд“ со охридски регистарски ознаки, сопственост на МВР, управувано од 37-годишен жител на Охрид.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на фордот, додека сопатникот во возилото (42), исто така од Охрид, се здобил со телесни повреди, констатирани во болницата „Св.Еразмо“, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Увид на местото на незгодата извршија јавен обвинител и полициски екипи, а возачот на возилото Мерцедес бил лишен од слобода поради сомнение за сторено кривично дело по член 300 од Кривичниот законик. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти Димоски.

Исто така ноќеска, во 01.00 часот, на регионалниот пат Охрид-Свети Наум се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сузуки“ со охридски регистарски ознаки, управувано од 40-годишна жителка на  селото Велгошти, охридско и патничко возило „цитроен“ со охридски регистарски ознаки, управувано од 22-годишен жител на охридското село Долно Коњско.

Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобила возачката на возилото „сузуки“ и сопатникот (28) од Охрид, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ и Општа болница – Охрид. Увид на местото изврши екипа од СВР Охрид, информира портпаролот Димоски.

Г.М.