Три лица се здобија со тешки телесни повреди во сообраќајната незгода што се случи утрово околу 8 часот, на магистралниот пат Охрид – Кичево, помеѓу селата Мешеишта и Требеништа. Две тешко повредени лица се пренесени во болницата „Св.Еразмо“ додека третото е хоспитализирано на хируршкото одделение при Општата болница во Охрид.

Во незгодата учествувале две патнички возила, џип: „Порше“ со дипломатски ознаки, во кое неофицијално се наоѓал почесниот конзул на Р. Србија во РМ, познатиот бизнисмен и поранешен градоначалник на Битола, Силјан Мицевски, и „Крајслер“ со американски национални ознаки како и едно товарно моторно возило марка „Ивеко“ со македонски национални ознаки. Според првичните информации од истрагата до незгодата дошло при претекнување од страна на возилото Крајслер, во кое се наоѓале трите повредени лица. На местото на настанот, извршен е увид во присуство на јавен обвинител, а истрагата треба да ги утврди точните причини за несреќата.

OhridNews