МВР приведе, двајца автопревозници од Охрид, а трага по уште едно лице, под сомнение дека криумчареле мигранти, дознава ohridnews.com. Во текот на завшчерашниот ден, патрола на ОВР Ресен сопрела две возила во кои биле затекнати девет албански државјани, кои требало да бидат однесени до Гевгелија од каде по илегален пат требало да бидат префрлени во Грција.
Како што информира МВР, Едното возило било управувано од Никола С. од Скопје вработен во фирмата “Христијан пром“ од Охрид каде осомничениот сега живеел. Другото возило марка Дачија од такси компанијата “Сузуки“, било управувано од Алексеј У., жител на Молдавија кој имал уредни документи за престој во земјава. Полицијата трага по Бранко М. возачот на бело Хјундаи аксент со охридски регистарски таблички, кој на влезот во Ресен кога забележал дека другите две возила биле запрени од сообраќајната полиција го завртел возилото и избегал.
Според МВР, осомничените, албанските мигранти ги презеле на граничниот премин Ќафасан, од каде тие биле однесени до Струга. Според договорот за сума од по 100 евра по човек тие требало да бидат пренесени до Гевгелија. Осомничените биле следени од полицијата која ги запрела кај Ресен и ги спречила во намерата да ги прокриумчарат албанските државјани кои биле на возраст од 16 до 24 години. Против сите инволвирани во случајот преземени се соодветни законски мерки, информира МВР.