Јавното обвинителство при Основниот суд во Охрид, покрена обвинителен акт против четири лица кои се поврзуваат со убиството за српскиот турист Дејан Новаковиќ, што се случи на 27-ми август во центарот на Охрид.

М.К., И.Ј., двајцата од Охрид и Д.Ѓ. српски државјанин, се товарат за  убиство на свиреп начин, за што законот предвидува казна затвор од 10 години до доживотен затвор. Охриѓаните обвинети за свирепо убиство се наоѓаат во притвор, каде ќе останат до почетокот на судењето, додека српскиот државјанин е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница. Четвртиот обвинет е Ѓ.Н. исто така од Охрид, кој се товари за помагање по извршено кривично дело, за што е предвидена казна затвор од 1 до 10 години.

Обвинението е доставено до Основниот суд во Охрид, кој се очекува по истекот на рокот за жалба да го закаже првото рочиште.

Од Јавното обвинителство информираат дека обвинението се темели на доказите обезбедени во текот на истражната постапка во која беа сослушани поголем број сведоци и се користеа видео материјали од безбедносните  камери на објектите кои се наоѓаат во близина на местото каде се случи немилиот настан.

Во изјава за OhridNews, Димитрија Цобоски, правен застапник на еден од обвинетите, истакна дека обвинението за убисто на свиреп начин е престрого и не ќе може да опстане во текот на судската постапка.

-Работа на одбраната ќе биде во текот на судењето да докажеме дека во овој случај не постои кривично дело „убиство на свиреп начин“, изјави Цобоски.

Ниту обвинителството, ниту одбраната не прецизираат кога може да се очекува почетокот на судскиот процес, што ќе го води судијката Милка Танеска.

OhridNews