Новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација, Љубинко Друловиќ, го соопшти списокот на играчи на кои смета за квалификацискиот натпревар со Словачка.

За разлика од претходните натпревари, Друловиќ, реши во националниот тим да ги врати Алиоски, Стјепановиќ, Мојсов, Муарем, Ивановски, Спировски, Димитровски… Деби повик во репрезентацијата добија Леонард Жута од шведскиот тим Хакен и голамните Столе Димитриевски и Филип Гачевски. Овие двајца ќе бидат алтернатива за капитенот на репрезентацијата Томе Пачовски.

„Мислам дека Пачовски е еден искусен голман кој одлично брани во Вардар. Гачевски со своите одбрани во пролетниот дел, кога и го сруши рекордот во македонското првенство, заслужи повик во репрезентацијата. Димитриевски е во Гранада, тој е млад и перспективен голман, кој може да созрева покрај Пачовски. Тоа е многу важно Гачевски и Димитриевски се иднината на македонскиот фудбал. Ќе треба Пачовски своето искуство да им го пренесе на младите“, рече селекторот Друловиќ во четвртокот на прес конференцијата.

„Сакав да ги видам на дело Алиовски и Жута, тие се млади момци, Жута игра во силно првенство и е стандарден во својот клуб. Секако, се работи за двајца млади играчи кои, според мене, имаат квалитет да играат во македонската репрезентација. Сепак, какви се, ќе видиме низ тренинзите, иако и Ристевски може да игра и на позицијата лев бек и како стопер, така што ќе имаме повеќе решенија за дефанзивата. Муарем Муарем игра во еден од најдобрите тимови во Азербејџан, може да биде одлично решение во фазата на нападот, може да игра лево и во средината. Повеќето од играчите кои ги повикав се генерациски блиски, значи 24- 25 години. Доколку со игрите и однесувањето ги задоволат критериумите мислам дека во наредниот период ќе можат да го сочинуваат костурот на тимот“.

Селекторот проговори и за ситуацијата со Пандев и Попов за кои на своето преставување во Скопје најави дека ќе разговара со нив и ќе се обиде да ги убеди да се вратат во репрезентацијата.

„Разговарав со Пандев, тој ми кажа дека во овој момент не е ниту физички, ниту психички подготвен да одговори на барањата на репрезентацијата. Тој имаше лоша сезона во Галатасарај и јас се надевам дека сега кога се врати во Италија со едни квалитетни подоготовки ќе ја врати старата форма и се надевам дека од септември ќе го имам во репрезентација, бидејќи неговото присуство многу му значи на тимот. Што се однесува до Попов на таа позиција се решивме да повикаме млади играчи, кои имаат иднина. Моја идеја е да пробам со помлади играчи“, рече Друловиќ.

За мечот со лидерот во групата Словачка, Друловиќ рече дека Македонија во Жилина ќе се обиде да одигра најдобро што може и да го изненди фаворитот. Најави дека низ тренинзите ќе се обиде да ја поправа хроничната неефикасност.

„Според мое мислење ова се играчи кои со своите игри и форма заслужија да се најдат на овој список. Ќе се обидеме на најдобар начин да и се спротивставиме на Словачка која е најдобра во групата. Се надевам дека со квалитетни подготвки дека ќе ја прекинеме нашата серија на лоши резултати. Моја идеја е да направам добра база, да направам тим кој нема многу да се ’шири’, како што тоа беше во минатото. Мислам дека е важно репрезентацијата да има своја база, а исто така е важно играчите да играат во своите клубови, да бидат добри професионалци и да бидат силни карактери“.

Првиот собир репрезентативците ќе го имаат на 5.јуни, а мечот со Словачка ќе се одигра на 14.јуни во Жилина.

Списокот на Друловиќ за мечот со Словачка:

Голмани: Томе Пачовски (Вардар), Филип Гачевски (Брегалница), Столе Димитриевски (Гранада 2)

Одбрана: Ванче Шиков (Австрија Виена), Владимир Димитровски (Керкира), Даниел Мојсов (Лирс), Александар Тодоровски (Заглебие), Кире Ристевски (Тирана), Стефан Ристовски (Латина), Езџан Алиоски (Шафхаузен), Жута Леонард (Хакен)

Среден ред: Аријан Адеми (Динамо Загреб), Стефан Спировски (Вардар), Остоја Степјановиќ (Висла Краков), Душко Трајчевски (Работнички), Александар Трајковски (Зулте Варегем), Бесарт Абдурахими (Локерен), Ферхан Хасани (Брондби), Муарем Муарем (Карабах), Агим Ибраими (Марибор)

Напад: Мирко Ивановски (Видеотон), Крсте Велкоски (Сараево), Јован Костовски (Леувен).

„Макфакс“