Сопружниците Амит и Назмие Поцеста и нивната 14-годишна ќерка Анила биле застрелани ноќе додека спиеле во семејната куќа на ул. 1 мај во Дебар. Тие требало да бидат дел од семејна веселба, а кога не се појавиле во договорениот термин блиски роднини ги пронашле мртви.

  • Утрото во 9 часот требаше да дојдат на веселба, но не се појавија, а не одговараа ниту на телефонските повици по што роднини отидоа во нивната куќа која беше заклучена. Тогаш, забележавме дека еден од прозорите е отворен и кога влеговме внатре затекнавме две мртви тела во спалната соба и уште едно во детската соба. – изјави Муарем Поцеста роднина на починатите.

Убиените неофицијално биле пронајдени речиси еден ден по лишувањето од живот, по што случајот бил пријавен во полицијата. Роднините кои живеат во соседната куќа велат дека не слушнале ништо, ниту забележале нешто сомнително. Додаваат дека Поцеста било мирно семејство и не знаат зошто некој посегнал по нивниот живот. Истакнуваат дека е среќа што во трагичните моменти тука не биле другите две деца од петчленото семејство, кое утре требало да замине за Италија, каде инаку постојано живеело.

  • Беа многу мирни луѓе. Ова што се случи е вистинска катастрофа. Незнаме кој и зошто го направил, но се надеваме дека полицијата ќе го открие сторителот.  – рече Расим Финдо.

Неофицијално во Дебар се зборува дека убиeцот бил познат на семејството Поцеста, а причина била расправија за имот. Ваквите наводи не ги потврдуваат од полицијата, која изврши увид на местото на настанот. По наредна на јавен обвинител врз телата на жртвите ќе биде извршена обдукција.

  • Убиство е извршено со огнено оружје пиштол и засега се води истрага непознат сторител по кого се трага. Се преземаа опсежни мерки за пронаоѓање на убиецот. – изјави Стефан Димоски – портапарол на СВР Охрид.

Тројното убиство денеска е главна тема на разговор помеѓу жителите на Дебар, кои велат дека ваков немил настан во градот немало еден век.

OhridNews