Одржувањето на трка со брзи моторни чамци од серијата „Формула 1“ на Охридското Езеро, планирана за јули оваа година во албанскиот дел на езерото претставува значителен ризик за неговиот деликатен екосистем и културното значење беше посочено на денешната прес-конференција свикана во име на повеќе од 50 здруженија на граѓани, еколошки асоцијации и институции од земјава и од соседна Република Албанија, кои покренаа иницијатива за спречување на одржување на настанот.

Ги повикуваат институциите за спроведување на законот во двете земји да дадат приоритет на зачувувањето на природата. Препорачуваат да се преиспита локацијата на настанот и да се истражат алтернативите, со цел да се спречи понатамошно оштетување на екосистемот на Охридското Езеро и да се зачува неговата природна убавина за идните генерации.

Директорката на Научната установа „Хидробиолошки завод – Охрид“, д-р Орхидеја Тасевска истакна дека откако ја добиле информацијата за потенцијално одржување на ваков вид настан во соседна Албанија, како Институција реагирале до соодветни повисоки инстанци со цел да го актуелизираат проблемот, но и да посочат на можните несакани последици од одржувањето на еден ваков грандиозен настан, кој вели за нашите соседи би била можност за промоција на туризмот во Албанија, но за нас е еден своевиден акт на насилство врз животната средина, конкретно врз Охридското Езеро.

Имаме многу основи за заштита на уникатното Охридско Езеро, а сепак сме доведени во ситуација да се бориме за неговата заштита, неговиот статус, меѓутоа и генерално за заштита на овој природен феномен, што навистина е недозволиво, затоа што претставува живеалиште кое егзистира повеќе од 2 милиони години, кое е жариште на биодивезитет. Жално е што краткорочните економски бенефити како потенцијалниот настан всушност го зголемуваат антропогеното влијание врз Охридското Езеро, односно нарушувањето на екосистемот и забрзаното стареење на овој природен еко систем, велли Тасевска.

Потенцира дека во трките би учествувале глисери со голем капацитет чии мотори предизвикуваат физички, хемиски и биолошки промени во животната средина, следствено врз тоа и на живот свет во Охридско Езеро.

Апелираме и до македонската јавност, секако и до нашите соседи доколку е можно да се избегне организацијата на еден ваков вид настан, да се оди кон понеинвазивни методи за привлекување на туристи, како на пример споровите на вода. Се надевам дека нашиот апел како Институција која е од стратешко значење за заштита на животната средина, но и апелот на граѓански здруженија од македонска и албанска страна ќе вроди со плод и ќе се избориме да не дојде до тие планирани случувања, додаде тасевска.

Во име на сите невладини организации кои се дел од ова иницијатива се обрати Константин Здравески, претседател на Еколошкото здружение „Еко-менолог“ од Охрид кој потенцираше дека е за економски развој и туризам, но не по цена на губење на универзалните вредности на Охридското Езеро.

Оваа трка ќе се организира во литоралната зона на Охридско Езеро, која не е само место каде се мрестат рибите или гнездат птиците, туку е и место каде има најголем биодиверзитет и ниво на ендемизам. По крајбржјето на Охридското Езеро нивото на ендемизмот е од 30 до 80%. Ние сакаме да влеземе со големи чамци и да им го нарушиме, уништиме, фрагментираме живеалиштето. Ме радува што невладините организации соработуваат со јавните установи и имаме заендички став, а уште повеќе што имаме заеднички став во Р. Албанија. Тука сме да апелираме ова да се сопре. Не е место Охридското Езеро за организација на Формула 1 на вода. Како аргумент плус не сме први кои се бунат, имало иницијативи за организација на вакви трки низ светот но, биле откажани. Не можеме да зборуваме за заштита, не можеме да ги земеме атрибутите на Унеско и сите десигнации онака како што ни одговараат. Економски развој и туризам да, но посебен вид на туризам преку одржливи практики. Имаме подготвено заедничка изјава која е веќе испратена до повеќе организации и планираме да го испратиме истото ова писмо до канцелариите на Унеско во Венеција, Париз и до другите институции, рече Здравески.

Аријан Мероли, претставник на Албанија во Билатераллниот комитет за заштита на Охридското Езеро, истакна дека реагирале не само до албанската Влада туку и до Парламентот и мисли дека ќе има интерпелација со министерката за животна средина за ова иницијатива.

За жал, лично зборував со министерката и рече дека нема ништо негативно во овој настан. Но, околу 40 институции, универзитети, истражувачки институти, невладини организации се разочарани од оваа активност која треба да се организира во Албанија во Охридско Езеро. Македонската страна за жал нема информации, а пред седум месеци имале билатерален состанок на Комитетот. Зошто настанов кој е во Охридско Езеро не бил презентиран? Зошто не функционираат стуктурите што треба да го имплементираат Билатералниот договор кој го имаат Албанија и Македонија? Унеско бара да дојде мониторинг мисија крајот на февруари почеток на март и првата точка мислам треба да е оваа проблематика, рече Мероли.

Ние, додаде, имаме Билатерален комитет и одлуките ги носиме со консензус, а ова покажува дека истиот не функционира, што навистина е голем проблем за заштитата.

Албанската страна не ја информирала македонската за овој настан. Секоја година треба да има по два состаноци со билатералниот договор. Од 2014 до 2021 година не одржан ниту еден таков состанок, предупреди Мероли, кој потести на заклучоците за Охридскиот регион посочени на последната сесија на Работниот комитет на УНЕСКО одржана во Ријад, Саудиска Арабија.

Потенцираа дека дописот спремен од иницијативата на која се потпишани сите здруженија и институции ќе биде доставен до сите релевантни државни и меѓународни институции од двете страни на границата.

Инаку, според проценките направени од информациите достапни на интернет-страницата на организаторот на настанот, а наведени во иницијативата, за време на одржување на истиот ќе бидат ослободени приближно 1.639.089 килограми CO2 емисии во воздухот и езерото. Оваа количина на емисии, која ќе биде ослободена за неколку дена, е еквивалентна на емисија на стакленички гасови од 365 автомобили возени цела година. Исто така, ќе бидат потребни 4.300 м2 паркинг простор за да се сместат 43 тимови или 129-172 камиони; стартната платформа ќе биде изградена во езерото на длабочина од 20 метри кадешто се наоѓа литоралната зона (местото за гнездење на рибите).

Н.С.Ј.