Екипата на Струга Трим Лум стави точка на серијата неуспеси во Првата македонска фудбалска лига, совладувајќи ја струмичка Беласица на домашен терен со 3-1 (2-0). Стружани комплетно доминираа во текот на натпреварот, навувајќи излез од резултатска криза.

Задоволен сум од играта, резултатот и од ангажманот на фудбалерите. Се што имавме зацртано за дуелот со Беласица ги исполнавме. Постигнавме два брзи голови со кои најавивме победа. На време постигнавме и трет погодок. Потоа следуваа измени и смирување на играта, – изјави тренерот на стружани Срѓан Захариевски.

В среда, струшките „црвено бели“ ги очекува полуфиналната пресметка со Силекс во Купот на Македонија. Се игра еден натпревар, а победникот од дуелот обезбедува пласман во големото финале.

Очекувам многу тешка средба, исполнета со претпазливост и фудбалска тензија, бидејќи влогот е огромен. Домашниот терен не е предност кога се игра еден натпревар, затоа што притисокот е наша страна. Сепак, јас и играчите сакаме да уживаме во фудбалот, да играме отворено и да победиме. Со Силекс одигравме два натпревари и можам да кажам дека се работи за цврста и квалитетна екипа. Местата на табелата во шампионатот, ништо не значат во Купот, затоа е интересен и привлечен да се гледа и игра, – истакна Захариевски.

Во втората полуфинална пресметка силите ќе ги одмерат Македонија Ѓорче Петров и Академија Пандев. Мечевите се играат в среда во 15 часот.

OhridNews

 

Прва МФЛ: Струга Трим Лум им се врати на победите, Пелистер славеше во дербито со Вардар (видео)