Продолжува победничката серија на Охридскиот АМАК СП. По синоќеншниот триумф над Пелистер 93-88,  “охриѓани“ се искачија на третото место, но и се израмнија со битолчани на 2-2 во меѓусебните пресметки. Пелистерци пропуштија одлична можност да си ја олеснат работата во финишот на првенството.

 – Ја испуштивме шансата да избиеме на третата позиција и да се здобиеме со предност во разигрувањето – рече по завршувањето на мечот тренерот на Битолчани, Перишиќ.

Натпреварот беше крајно неизвесен, целиот меч се играше на жица, а ниту една од екипите не успеа да направи поголема предност од шест поени. Успешно на стартот “зелените“ го затворија Фрај (6 поени на полувремето), но немаа  решение за “снајперот“ В.Стојаноски кој погодуваше кога сакаше. Токму неговите тројки со незапаметена реализација 6/7 не дозволија битолчани да се одлепат, на полувремето 42-44.

Силно тргна охригани во третиот дел кога стигна помошта од Вегов (14 п, 8ск) и со серија 11-4 стигнаа до највиската предност 54-48. Неочекуваното опуштање го казнија гостите кои вратија во иста мера па повторно се стигна до егал 58-58. Во последниот период оптеретни со “лични“ битолчани не можеа да го задржат Фрај (16п 6ск) кој полека ги разбиваше. Нервозата лебдеше во воздухот, а поради лични грешки мечот пред време заврши за Тејлор, Тасески и Стефаноски. Во ваквата тензична завршница сепак младите охригани не загубија глава и мирната рака на Стојаноски (30 п ) во финишот ја донесе четвртата победа во серија на Билјанини.

– Тешко почнаваме на старот, пред се поради притисокот, но како одминува времето така созреваме. Ова е голема победа за нас, победа која не става во рамноправна позиција во трката за третото место – рече тренерот на АМАК СП, Игор Гацов.

Поради настапите во Националниот куп, следува пауза во шампионатот.