Бркаа предност на домаќинот, речиси две третини од натпреварот. Не се откажуваа ниту кога Силкеборг водеше и со 4 гола разлика, ниту кога на теренот имавме во континуитет десетина минути играч помалку. Ракометарите на Металург покажаа исклучителен карактер и успеаја со извонредна тактичка игра и искуство во финишот да го свртат мечот во своја корист и да слават на гости против Силкеборг со 26:23 во рамки на третото коло од Лигата на шампиони.
Во финишот на натпреварот, шпанските судии крајно сомнително му покажаа трето исклучување на Миркулоски и црвен картон, а поради негодување одличниот плеј на Металург заработи дополнителни две минути, казна која ја одработи тимот. Но, екипата на Червар и покрај тоа што до крајот остана со ракометар помалку не дозволи да биде загрозена победата.
Станиќ имаше 21 одбрана, во клучните моменти експлодираа искусните Вугринец и Мојсоски, младиот Георгиевски покажа спортска дрскост, а Ракчевиќ воинствена борбеност. Сето тоа точно беше диригирано од клупата, што на Металург му донесе втора гостинска победа во Лигата на шампиони и го остави на врвот на табелата што ги зголемува шансите на македонскиот првак за пласман во нокаут фазата.