Зголемена е продажбата на македонското вино надвор од границите на државата, а Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино и на 29-то место по извоз на вино во светот, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ кој се одржува во Белград.
Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра. Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот, истакна тој.
Додаде дека Владата продолжува посветено да работи во делот на секторот винарство, бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“. Исто така на оваа манифестација за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна, вели Трипуновски.
Третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ се одржува од 22 до 24 ноември 2024 година на Белградскиот саем. Во рамки на истиот вчера беше одржана „Македонска вечер“ на која присутните можеа да го вкусат врвното македонско вино и традиционалната македонска храна.
Н.С.Ј.