Јавноста изрази загрижена за квалитетот на земјоделските производи кои се произведуваат кај нас по информациите дека при контрола на граница во Хрватска, во зелка од Македонија се откриени остатоци од пестицидот имидаклоприд, кој е забранет во ЕУ. Министарот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски кој денеска е во работна посета на Охрид, вели дека надлежниот инспекторат веднаш презел мерки за спорната пратка запрена на хрватската граница.
Направени се дополнителни контроли, земена е мостра од градинарскиот продукт којшто е извезен, направени се анализи и истите се негативни, односно таков препарат не е употребен врз земјоделските култури. Дали се работи за некаква грешка од страна на граничната контрола во Хрватска или за друг момент не знам, но знам дека кај земјоделецот чија пратка беше испратена за извоз не се пронајдени пестициди, рече Трипуновски.
Тој истакна дека се засилени контролите на пестицидите во земјава од страна инспекторите со цел спречување на недозволена трговија со препарати за заштита на растенијата и дека тие ќе продолжат и во наредниот период.
Работиме да ја прошириме дозволената листа на европски препарати се со цел земјоделците да имаат пристап до поголем број препарати кои можеби се и поевтини и поефикасни, додаде тој.
Г.М.