Хашкиот трибунал потврди дека бунтовниците го уапсиле Сејф ал-Ислам, медиумски најекспонираниот син на Гадафи, против кого во јуни беше покрената обвинение.
Зоната што ја контролира Гадафи во текот на ноќта ограничена е на само еден кварт, единицата на гардата за негова заштита се предаде, а илјадници луѓе веќе прославуваат на Зелениот плоштад во Триполи.
Над 1.300 лица загинале во борбите за време на изминатиот викенд.
Американскиот претседател Барак Обама го повика Гадафи да отстапи, констатирајќи дека „тиранскиот режим ја загуби контролата и дека САД го признаваат Националниот преоден совет како легитимна влада на Либија“.
Помирувачка порака испрати претседателот на Националниот преоден совет, Мустафа Абдел Џалил, кој побара од своите борци да бидат воздржани со заробените војници на Гадафи.
„Заедно ќе ја создадеме историјата, исто како што заедно страдавме за време на 42-годишната диктатура на Гадафи. Либија е земја на сите нас и сите заедно ќе создадеме држава, базирана на уставот кој нема да прави разлики помеѓу половите, верите и племињата. Либија ќе биде пример за арапскиот свет“, рече Џалил.
Портпаролот на Националниот преоден совет, Махмуд Шамам изјави дека полковникот Гадафи нема да биде повреден доколку падне во рацете на бунтовниците.
извор: „Макфакс“