Синоќа во црквата Св. Софија публиката уживаше во акордите на македонскиот виолинист Џафер Џафери заедно со Николас Алтстаедт на виолончело од Германија и Хозе Галардо, на пијано од Аргентина. Тројцата реномирани светски уметници експресивно и оригинално, со голема сензибилност во своето музицирање и ги пренесоа на публиката позитивните емоции и љубовта кон музиката.
Љубителите на класичната музика со големо внимание го проследија музичкиот избор составен од делата на Јозеф Хајдн, Лудвиг ван Бетовен и Јоханес Брамс. Тие импресионирано ги споделуваа своите впечатоци од двочасовниот концерт.
„Незаборавно музичко доживување, вистински празник за душа. Навистина звучеа многу компактно, а мора да ја пофалам и програмата која беше доста богата и содржајна.”
„Првпат присуствувам на концерт во црква која е во истовреме толку акустична и која дише во духовност. Охрид е прекрасен град и верувам дека и музичарите добија дополнителна инспирација во овој архаичен и толку пријатен амбиент.’’- истакна посетител од Америка.
„Одамна не сум слушала толку добро камерно трио. Инзвонредно музицирање со многу елеганција, оригинално и сензибилно. Тие ја докажаа својата репутација пред публиката и мислам дека допрва им претстои блескава кариера.”
Џафер Џафери почнува да учи виолина во Македонија, а го продолжува образованието во европските земји, завршувајќи го Конзерваториумот „Петер Корнелиус“ во Мајнц кај, Е. Гега и продолжувајќи го студирањето во Фиренца на Сцуаола ди Мусица ди Фиесоле со Павел Верников и Хоцхсцхуле фüр Мусик унд Дарстелленде Кунст во Манхајм со Дора Брачкова. Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и грантови од фондации за поддршка на млади таленти, вклучително право да свири на виолина од кремонскиот мајстор В. Панормо (1760).
Николас Алстаедт е еден од најуспешните млади уметници на денешнината. Како последен студент на Борис Пергаменшчиков во Берлин, а потоа – на Еберхард Фелтц, тој се закитил со бројни меѓународни награди и почнал успешна кариера со забележителни проекти меѓу кои е изведбата на Шумановиот концерт со Виенската филхармонија под диригентство на Густаво Дудамел на фестивалот во Луцерн. Тој е еден од малкуте европски уметници кој бил член на Здружението на камерна музика на Линколн центарот во Њујорк во 2009-12 година.
Хозе Галардо ги започнал своите часови по пијано на 5-годишната возраст на конзерваториумот во Буенос Ајрес, а продолжил на Универзитетот во Мајнц со Полди Милднер Галардо. Има настапувано во најдобрите светски сали – Берлинската Филхармонија, Тонхале – Цирих, Мусикхале – Хамбург, Театро дела Пергола – Фиренца, Санта Чечилија – Рим, Вигмор Хол – Лондон. Соработувал со познати уметници на меѓународните мастер класи и самиот предавал на Универзитетот во Мајнц и во Леополд Моцарт – Центарот во Аугсбург.