Стотина лица, вработени во НП Галичица, ТППЕ Охрид, ТППЕ Ресен, Планинарска спасителна служба при Црвен крст Охрид, Планинарски клуб Патагонија, ДЗС Охрид, Ресен и Неготино, резерват Езерани и доброволци од Охрид и Ресен, со натчовечки напори и помош од воздух се обидуваат да воспостават контрола врз пожарот кој беснее 13 дена на планината Галичица.

Ова се едни многу храбри девојки и момци, кои веќе денови, од утро до мрак, беспоштедно се борат и не дозволуваат огнот да ја однесе најубавата шума на северните падини од строго заштитената зона на НП Галичица. Сигурен сум дека ќе издржат уште долго, бидејќи љубовта кон Галичица им е искрена и чиста, како кон свој родител. За жал, огнот сеуште сурово ги пустоши источната и особено западната страна, каде неповратно се уништува значаен екосистем, кој тешко ќе се обнови, стои во објавата на Фејбук профилот на Антони Додевски од Планинската спасителна служба Охрид.

А на терен на западниот дел од Охридската страна, над месноста Војтино, тешка секојдневна битка водат и екипите на ТПП Охрид заедно со Доброволно противпожарно друштво “Повардарец” – Неготино ДПД Ентузијаст Охрид-Дебрца и останати волонтери со логистичка поддршка од погранична полиција и вработени во НП Галичица.

ТППЕ Охрид – Пожарна на располагање ги стави сите можни капацитети, со оглед на тоа што единицата функционира и со секојдневни пожари и технички интервенции во урбана средина. Од голема помош во оваа ситуација се горенаведените доброволни друштва и останати волонтери. Гори нискостеблеста густа вегетација и букова шума на повеќе локации, а при тоа на одредени жаришта нема пристап за нашите екипи што дополнително ја отежнува работата, информираа од ТППЕ Охрид.

Деновиве и нашите сограѓани и компании ја покажаа својата солидарност и хуманост на дело донирајќи потребни производи за лицата кои секојдневно се на терен.

Н.С.Ј.